Во континуитет опаѓа бројот на вработени во институциите што се занимаваат со македонистика. Јазикот се брани со добра економија, што подразбира не само да се задржат говорителите на македонскиот јазик во земјава, туки и институциите задолжени за проучување и негување на македонскиот јазик да можат да функционираат. Ситуацијата е алармантна, велат лингвистите.
За пример ќе го земам Институтот за македонски јазик каде што нема примено подмладок од 1998-та година. Со исклучок пред три години еден научен работник, ама една ластовичка не прави пролет. Ако состојбата не се промени ќе биде страшно, сите ќе се пензионираме или ќе изумреме, вели проф. д-р Снежана Велковска, Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“
Доколку порано се водеше сметка сите студенти што се истакнале во текот на студиите да бидат вработени во институциите, сега имаме доктори на науки кои се без работа и вон соодветните институции, вели Велковска.
Прашањето со проектите е исто така страшно. Нашите проекти не се финансираат веќе десетина години, не од пандемијава. Сите наши напори и укажувања не вродија со плод. Ова го прикажуваат нашите соседи во Србија , дури малку и со потсмев, вели Велковска.
И претседателот Пендаровски со апел дека е свесен за кратењето на буџетот поради пандемијата и сериозната економска криза, но надлежните институции треба да изнајдат средства и да се поддржат сите научно- истражувачки проекти. Во меѓувреме дел од вработените во националните институти реагираат на известувањето дека нема да ја добијат септемвриската плата заради измени во Законот за научно истражувачка дејност.
Нина Стефанова