Најважни Свет

Карантин од 14 денови за сите кои доаѓаат од Италија во Велика Британија

Продажбата на алкохол во британскиот Парламент ќе биде забранета како дел од новите мерки против коронавирусот, што ќе стапат на сила во државата од утре.

Од сабота повеќе нема да може да се купуваат алкохолни пијалоци во локалите на Долниот дом, објави неговиот претседател Линдзи Хојл. Тој потсети дека пабовите во голем број области ќе бидат затворени и коментира дека во оваа ситуација е правилно пратениците да не можат да купуваат алкохол.

По првиот национален карантин во Велика Британија поради коронавирусот на почетокот на оваа година, Долниот дом ги продолжи своите состаноци.

Сепак, правилата за одржување на физичко растојание го ограничуваат бројот на пратеници кои можат истовремено да бидат присутни во салата.

Во меѓувреме, Велика Британија воведе двонеделен карантин за патниците кои пристигнуваат од Италија. Мерката, која ќе стапи на сила од недела, и ќе се однесува и на патниците од Ватикан и Сан Марино. Оние кои не го почитуваат карантинот ќе бидат казнети со парична казна, до 10.000 фунти (11.000 евра).

Британија е најпогодена земја во Европа од коронавирусот, со повеќе од 43.000 смртни случаи. Италија е на второто место во црната статистика на континентот, со над 36.000 смртни случаи.

Неодамна, бројот на нови инфекции во двете држави почна нагло да се зголемува, поради што тие повторно ги засилија мерките против коронавирусот.

Седумнаесет од 27-те земји на Европската унија, како и Велика Британија, се наоѓаат во црвената зона на новата европска мапа на ограничувања на движењето објавена од Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ).

На таа мапа, само три земји на Унијата (Норвешка, Финска и Грција) се претежно зелени, додека пет земји (Италија, Кипар, Естонија, Литванија и Летонија) се главно означени со портокалова боја.

Пет држави (Германија, Австрија, Шведска, Данска и Исланд) не се обележани во боја поради недоволни податоци за тестовите.

Вкупно 16 земји на Европската унија, вклучувајќи ги Франција, Шпанија, Полска, како и Велика Британија, се обележани со црвена боја.

За да може еден регион да се класифицира во зелена боја, мора да има помалку од 25 нови случаи на 100.000 жители во последните две недели и помалку од 4 проценти од позитивно тестираните. Регионот е во црвено кога бројот на нови случаи во последните две недели е поголем од 50 на 100.000 и кога процентот на позитивни е поголем од 4 проценти, или кога критериумот за нови случаи надминува 150.

Во два случаи регионите се ставаат во портокалова категорија, и тоа региони со помалку од 50 случаи на 100.000 жители, но процентот на позитивни е поголем од четири проценти, или има помеѓу 25 и 150 случаи на 100.000 жители, но процентот на позитивно тестирани е помал од четири проценти.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Денеска се одржува ,,Марш на ангелите” во Кочани

Дејан Дејан

Тројца отповикани и двајца со истечен мандат остануваат како в.д. амбасадори

Дејан Дејан

Истрагата за трагедијата во Кочани продолжува со распит на сведоци

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе