Петмина осомничени во акцијата Рибар добија мерки на претпазливост. Вечерва завршил распитот пред судија на претходна постапка кој на петмината приведени им определил мерки на претпазливост како што предлагаше скопското обвинителство- одземање на пасош, забрана за напуштање на местото на живеење и редовно јавување во суд, потврдија од Кривичен за Телма
Претходно од Управата за финансиска полиција информираа дека во координација со скопското основно обвинителство поднеле кривични пријави против 20 физички и 15 правни лица од неколку градови, меѓу кои бизнисмени, сметководители и тројца банкарски службеници од банка во Тетово. Осомничени се за кривичните дела даночно затајување, соизвршителство , злоупотреба на службената положба и овластување дека го оштетиле буџетот за околу еден милион евра по основ на данок на додадена вредност, данок на добивка и персонален данок на доход
Од скопското обвинителство информираа дека истрага е отворена за 13мина. За останатите е отворена предистражна постапка.
Во периодот од 01.01.2015 до 31.12.2017 година осомничените како сопственици, управители и овластени лица на сметките и деловните активности на правни лица, како и тројца вработени одговорни лица во експозитура Тетово на една деловна банка, со умисла извршиле временски поврзани дејствија што преставуваат повеќекратно остварување на исто дело. Тие искористувајќи исти прилики, со намера да одбегнат плаќање данок на додадена вредност, данок на добивка и персонален данок на доход на кои биле обврзани со Закон, дале лажни податоци за своите приходи со што влијаеле на утврдување на износот на даночните обврски, стои во соопштението на обвинителство.