Златна Зора е криминална организација. Ова е пресудата на грчкиот суд по петгодишниот судски процест, против 68 обвинети сегашни и поранешни високи функционери и членови на партија. Лидери на криминалната организација, според пресудата, биле Никос Михалолиакос, основачот и претседател на партијата и уште шестмина поранешни пратеници како Илијас Касидиарис, Јоанис Лагос, Христос Папас и Јоргос Герменис. Илјадници демонстранти собрани пред судот со овации ја дочекаа пресудата, но не сите се задоволни.
„Мислам дека судот е во право, но проблемот е што, да речеме дека ова е удар против фашизмот и неговиот подем во Грција и насекаде низ светот, но мислам дека корењата се се уште тука и вистинскиот проблем.“
По освоеното трето место на избрите во 2012 година и 18-те пратенички места, екстремистите на Златна зора беа на зенитот на својата популарност. Речиси веднаш по изборите, нивните ударни бригади во стилот на нацистите во Германија на средината на минатиот век, започнаа со физички напади против политички неистомисленици и мигранти. Насилниот циклус на Златна зора заврши со убиството на музичарот Павлос Фисас во Пиреа во септември 2013 година и токму таа истрагата доведе до започнување на процесот кој денеска заврши.
„Со денешната пресуда од трите членови на кривичниот суд во однос на дејствата на Златна Зора, завршува еден трауматичен циклус во јавниот живот на земјата. Неговите политички димензии, за среќа, беа осудени од победата на демократијата со која беа исфрлени неонацистите од парламентот. Сега, независното судство го даде својот одговор.“
Објавувањето на пресудата напнато го очекуваше целата земја, особено по изјавата на главниот обвинител Адамантиа Економу минатиот декември, дека нема цврсти докази кои го поврзуваат водството на партијата со серијата напади и убиството на Фисас. Во еден момент дојде до судир меѓу полицијата и дел од демонстрантите, во кој беа употребени молотови коктели и водени топови.
Како последен чин на пркос против реалноста, приврзаници на Златна зора, пред денесшната пресуда, ги осквернавија еврејските гробишта во Атина.
Игор Трајков