Премиерот Заев најави дека ќе се субвенционираат вработувања во приватни компании без оглед на етничката припадност. Владата ќе дава подршка при отворањето на фабрики а ќе се применува и Законот за стратешки инвестиции. Планирано е најмногу вработувања да има во Тутунскиот комбинат во Куманово, проектот на Еколог во тетовскиот регион вреден 300 милиони евра како и дигитален центар во Карпош кој ќе нуди работа на кадри од областа на информатичката технологија.
Вицепремиерот Артан Груби вчера најави дека вработувањата ќе бидат по етнички клуч затоа што нивниот број во приватните фирми бил минорен. Опозицијата од албанскиот политички блок не верува дека ваквата идеја ќе се реализира.
Мерките со кои ќе се субвенционира вработувањето ќе се разгледуваат во наредниот период. Целта е да се повикаат и охрабрат бизнис секторот, домашните и странски компании да ги подржат добрите меѓуетничките односи. Стопанските комори предупредија дека во услови на пазарно стопанство и креирање конкурентно производство како за домашниот пазар, така и за извоз, од клучно значење е да се има стручен, квалификуван и соодветен кадар кој ќе одговори на потребите на компаниите.
Јулијана Пешевска