Скандал со досиејата на Специјалниот суд за Косово. Маскирани лица денеска повторно, како пред една недела, предадоа доверливи документи во Организацијата на воените ветерани на Ослободителната војска на Косово.
Истражители на Трибуналот денеска по вторпат извршија претрес во просториите на ветеранската организација на ОВК во Приштина и ги заплениле класифицираните документи протечени од Специјалниот суд за Косово, каде се води истрага за воени злосторства извршени во текот на војната на Косово.
По скандалот со досиејата што беа испратени до канцелариите на ветераните на ОВК, Газета експрес дознава дека еден од главните обвинители во Хаг поднел оставка. За овие досиеја се вели дека откриле имиња на сведоци и нивни искази.
Заменик-обвинителот во Специјалното обвинителство, Кваи Хонг Ип поднесе оставка откако илјадници досиеја паднаа во рацете на ветераните на ОВК.
Претседателот на ветераните на ОВК, Хисни Гуцати, кој во присуство на адвокат им ги предаде документите на хашките истражители, изјави дека намерата му била да ги натера истражителите и обвинителите на Трибуналот „да признаат дека тој материјал е нивен“.
– Ние побаравме од нив да ни кажат како протекуваат од кај нив тие документи и досиеја, но тие не знаеја да ни одговорат. Меѓутоа, како што кажа и нашиот адвокат, Том Гаши, тие де јуре признаваат дека документацијата, односно досиејата се сопственост на Специјалниот суд, односно не се фалсификувани, изјави Гуцати.
Тој додаде дека лицето кое денеска ги доставило материјалите не било истото од пред една недела, затоа што првиот знаел точно каде да се упати, додека овој денеска, според снимките од видео надзорот го промашил влезот во просториите на организацијата и првин влегол во еден ресторан во близина.
– Единствената работа што ја кажа кога ни ги остави материјалите беше дека „ќе има уште“, информира Гуцати.
Обвинителството при Специјалниот суд со седиште во Хаг, познат во косовската јавност како „суд за ОВК“ истражува кривични дела, наводно, извршени од поранешни припадници на ОВК, од 1998 година до крајот на 2000 година.
На почетокот на овој месец и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, беше сослушуван во Приштина.
Обвиненија за воени злосторства веќе се поднесени против претседателот Хашим Тачи и поранешниот претседател на парламентот Кадри Весели, кои го сочинуваа раководството на ОВК за време на војната во Косово.
Билјана Ставрова