Некои пријавиле по пет стана, некои ниту еден. Најмладата од новите пратеници поседува куќа, најстарата нема имот на свое име.Младите возат возила од 30 илјади евра, постарите од 1500. Анкетните листови на новите пратеници, што денеска ги објави Антикорупциската комисија, одат од крајност во крајност.
Артина Ќазими, која има 23 години е најмладот пратеник. Доаѓа од редовите на коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива. Како свој личен имот има куќа од 100 илјади евра и двор од 1600 квадрати, во вредност од 200 илјади евра во Добридол.Вози Рено меган од 3.200 евра.
Професорката Гордана Силјановска-Давкова, пак, е меѓу најстарите пратеници, но не пријавила имот на свое име.Куќата од 100 квадрати во Скопје, е на име на брачниот другар, кој поседува и возило хонда шатл од 1500 евра, како и заеднички имот, депозити во банка. Од нив, едниот е 55.000 евра, а другиот 3.500 долари, како и 11.500 евра на девизна сметка.
Лазе Таневски, пратеник на СДСМ, кој доаѓа од бизнисот, заедно со својот брачен другар поседуваат пет стана, од кои три во Охрид и два во Скопје. Според проценката во анкетниот лист, вкупната вредност на сите е околу 250 илјади евра, иако три од нив се по 80 метри квадратни. Покрај становите, овој бизнисмен има и земјоделско земјиште од околу 23 илјади метри квадратни, во охридско Арбиново како наследство, што според проценката вреди околу 230 илјади евра. Во истото село, поседува и две куќи со вкупна квадратура околу 450 метри квадратни.
За разлика од него, Марија Ангелова од Чаир од личен имот навела дека има само девизен депозит од 5.800 евра.
Марија Костадинова, доскорешна директорка на основно училиште во Миравци, пријавила имот на фирма во вредност од 310 илјади евра во Гевгелија.И таа има околу 23 илјади емтри квадратни земјоделско земјиште и депозит од 50 илјади евра на име на децата.
Лолита Ристова од Неготино располага со куќа и деловен простор во својот град од околу 40 илјади евра.
Моника Зајкова од ЛДП како лична сопственост пријавила стан од 70 метри квадратни во Скопје, автомобил „поло“ од 4 илјади евра, како и долгорочен кредит од 60 илјади евра. Сето останато е пријавено како имот на брат и и родителите, меѓу кои е и златен накит од 12.000 евра.
Тимчо Муцунски, секретарот за надворешна политика на ВМРО-ДПМНЕ, пријавил само дека вози „ауди Q2 од 30.000 евра. Професорот ова возило го пријавил како заеднички имот, како и депозитот од 3 илјади евра.Живеалиште не пријавил ниту на свое име, ни на бралниот другар.
За лидерот на Левица, Димитар Апасиев, наведено е дека во 2017 година за 65.000 евра купил стан од 60 метри квадратни во Скопје, а во 2016 година подигнал кредит во банка во износ од 56 илјади евра. Апасиев, исто така, навел дека има автомобил „алфа ромео“ кој ѝ припаѓа на неговата сопруга, а вреди 2.500 евра.
Борислав Крмов, вториот пратеник од Левица, во Анкетниот лист како сопственост единствено пријавил стан во Штип од 65 метри квадратни, кој го стекнал со наследство.
Далиборка Демјанска Цветановска