Експозитурите на 4 банки, Комерцијална, Стопанска банка- Ад Скопје, НЛБ и Халк банка утре ќе бидат соочени со нов бран од граѓаните –штедачи на пропаднатата Еуростандард. Вторник е денот кога ќе почне исплатата на депозитите заглавени во Еуростандард за штедачи со сметки под 30 илјади евра, како и за оние 780 штедачи чии влогови се поголеми од овааљ гранична сума- и тие ќе добијат загарантирана сума од точно 30 илјади евра додека останатите пари ќе ги бараат преку стечајната постапка.
Парите веќе се префрлени од Фондот за осигурување на депозити, а штедачите на Еуростандард се распоредени во 4 групи врз основа на почетните букви на презимињата.
Распоред за исплата на депозити од Еуростандард банка по прва буква на презимето
Комерцијална банка- А, Б, В, Г и Д
НЛБ Банка- Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К, Л и Љ
Стопанаска банка АД Скопје М, Н, Њ, О, П и Р
Халкбанка АД С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ и Ш
Депозити ќе може да подигнат и самостојни вршители на дејноста, трговци поединци, адвокати или нотари, а нивните пари ќе бидат исплатени во банката според првата буква од називот на фирмата. Сите што ќе подигаат пари мора да носат документи за идентификација и доколку се овластени од некого -издадените полномоштва од штедачите на Еуростандард кои нема лично да се појават на шалтерите. Префрлени се над 4, 2 милијарди денари односно околу 68,3 милиони евра за исплата на депозитите, информираат од Фондот. Просечно по штедач излегува дека секој од нив имал околу 500 евра на сметката во Еуростандард. Некои имаат и по десетици илјади евра, но некои и помалку од десет евра. Нема да се исплаќаат депозитите на членовите на телата на банките и на големите акционери во Еуростандард, како и штедачите кои имале повластени каматни стапки. Замрзнати ќе останат и парите кои се поврзани или се сомнителни за кривично дело перење на пари, стои во законската регулатива.
Миомир Серафиновиќ