Причините за проблемите се надминати и исплатата на платите започнува веднаш за оние институции кои се подготвени, е заклучокот по денешната средба на СКРМ и СОНК и министерката за култура.
Стефоска ги повика институциите да си ја завршат обврската што поскоро за вработените да добијат плата и придонеси.
Останатите институции ќе ги добиваат платите етапно, односно по усогласување на нивните систематизации со институциите надлежни за тоа. Според последните информации што ги добивме како сумарна бројка не по име на институција, 12 институции не доставиле, но уште вчера јавивме по институциите веднаш да пристапат кон доставување на актите во соодветното министерство и да почне процесот на усогласување, вели министерката за култура, Ирена Стефоска.
Целата одговорност во оваа прилика ја насочуваме кон одредени директори, а кои се тие ќе провери Министерството за култура и верувам ќе постапат согласно Законот за непочитување на работните обврски, тврди претседателот на СОНК, Јаким Неделков.
За Анита Љатифи ваквите тврдења се дискутабилни:
Да се префрли вината кон установите за култура е апсурдно. По тоа предновогодишно потпишување на Колективниот договор во ниту еден момент Министерството не се обрати до установите со насоки за постапување. Прв допис поврзан со колективниот пристигна во април потпишан од тогашниот министер во чиј прилог стоеше записник од седница на Владата од 7 април со кој се пролонгира всушност Колективниот договор за култура, подвлекува Љатифи.
Ваквата состојба секако се одразува и на задоцнетото исплаќање на придонесите за здравствено осигурување.
Деликатна е состојбата затоа што немаат плата воопшто да ги користат услугите на државното здравство и ги плаќаат приватно, но откако ќе им биде исплатено здравственото осигурување и тие пари ќе им се префундираат преку Фондот за здравство, оценува претседателката на СКРМ, Сања Аровска.
За учесниците на оваа средба најважно е што платите ќе бидат исплатени според новиот Колективен договор и става крај на сите шпекулации за негова реализација.
Нина Стефанова