Македонија пат ќе ја урива дивоградбата пред Мавровка. Владата го задолжи УО на ова јавно претпријатие да ангажира механизација, средства и вработени, за да го урне бесправно изграден градежен објект, објави премиерот на фејсбук, откако претходно во изјава за медиумите рече дека оваа дивоградба е проблем кој пркоси од центарот на Скопје и најави помош од централната за локалната власт.
Македонија пат и општина Чаир треба да склучат договор, но за ова услуга претпријатието нема ниту да и наплати на општината, која до сега не успеа да најде фирма што ќе урива, затоа што на два тендер не се пријави никој а во рек е и трет кој завршува за неколку дена.
По исполнување на обврските од договорот, Општина Чаир и ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патиша, во рок од 7 дена, се задолжени да подготват и до Владата на Република Северна Македонија да достават соодветна Информација за извршување на обврските од одлуката, објави на ФБ, премиерот Заев.
Во ист ден по повеќе од еден месец откако обвинителството побара од полицијата да открие кој е инвеститорот што гради пред мавровка, МВР и му поднесе кривична пријава за бесправно градење на сопственикот на парцелата кај кафулето Фонтана, скопјанецот Мевљудин Алити.
Денеска СВР Скопје- Единица за економски и компјутерски криминал до надлежното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против М.А. (34) заради постоење на основано сомневање дека пријавениот е сторител на кривично дело „бесправно градење” по чл.244-а од КЗ на објект бесправно изграден на бул.Гоце Делчев на платото пред ДТЦ Мавровка.
Пред околу две недели Телма објави информации од веб страната на Катастар според кои Алити е сопственик на парцелата на која што е кафулето Фонтана со површина од 330 метри квадратни. Во ноември 2019 општина Чаир го легализирала кафулето.
Дека нешто се подготвува на оваа парцела јавноста се посомнева уште на крајот на март кога беше исечено дрво пред кафулето „Фонтана“. Видео камерите на крстосницата помогнаа да се најде фирмата која го исече дрвото и која беше казнета со пет илјади евра. Еден месец подоцна, избувна пожар во кафулето и изгоре терасата. Кратко време потоа почнаа градежните работи а градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу ја уверуваше јавноста дека станува збор за реконструкција на кафулето. Откако во втората половина на јули општината потврди дека објектот што се гради во срцето на метрополата е дивоградба започна потргата по инвеститорот кој доби епитет “мистериозен” поради тоа што на надлежните им требаше многу време да го пронајдат.
Елена Ивановска Мукоска