Додека преговорите за ново владеачко мнозинство се држат далеку од љубопитната јавност, еден од потенцијалните партнери, ДУИ, настојува да го одржи континуитетот во одбележувањето на денот кога беше потпишан Рамковниот договор, 13-ти август. Оваа година, Али Ахмети им испрати покани за средба токму на овој ден на лидерите на другите четири парламентарни партии на албанците: на Алијансата на Зиадин Села, БЕСА на Билал Касами, Алтернатива на Африм Гаши и ДПА на Мендух Тачи. Тие се уште размислуваат како да одговорат на оваа покана, особено што доаѓа во период кога двете најголеми партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ паралелно бараат партнери меѓу истите партии на албанците. Велат дека за поканата ќе се произнесат партиските тела, а потоа ќе биде известена јавноста.
Побрзо стигна ставот од СДСМ. Лидерот на партијата, Зоран Заев, за ТВ 21, вели дека ова е притисок врз него, врз СДСМ и врз коалицијата „Можеме“, за премиер по предлог на ДУИ. Сепак, смета дека е прерано да се говори какво влијание би имал евентуален договор меѓу сите партии на албанците при формирањето на новото мнозинство.
Од СДСМ и денеска повторуваат дека имаат „сериозни разговори за формирање стабилно парламентарно мнозинство и владина коалиција со четиригодишен мандат.
Новото парламентарно мнозинство ќе обезбеди стабилна Влада која движи брзо напред по европскиот пат, Влада посветена на економијата, правдата, борбата со Ковид-19 и ЕУ. Како одговорна партија, СДСМ води разговори за пронаоѓање на одговорни кадровски решенија кои се способни посветено и одговорно да работат на остварување на овие принципи во интерес на граѓаните.
Во својот мандат, СДСМ единствено обезбеди сиромаштија. Над 700 илјади граѓани се на работ на егзистенција, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Најавуваат Влада, но не откриваат со кои партии разговараат.
На Македонија не и е потребна уште една Влада како минатата, за осиромашување на граѓаните. На Македонија и е потребна сигурна иднина, а тоа ќе го овозможи Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Доколку Собранието се смета за конституирано со верификацијата на мандатите на пратениците, до петок – претседателот на државата треба да го додели мандатот на партиите што ќе состават мнозинство. Претседавачот со конститутивната седница, екс претседателот на Собранието Талат Џафери, се уште не упатил известување до Стево Пендаровски, бидејќи, според него, конституцијата на новиот Парламент завршува со избор на негов претседател.
Соња Николовска