Во изминатите 24 часа во Грција се регистрирани 203 нови случаи на Ковид-19, што е рекордно висок број за земјата, но и број што од ден на ден се зголемува.
Според официјалните податоци од Националната организација за јавно здравје на Грција, во изминатото деноноќие почина уште едно лице, а од новите случаи, 29 се по направените тестови на влезните точки во земјата, додека, пак, зголемен е и бројот на пациенти кои се приклучени на апарати.
Од почетокот на епидемијата, заразени се вкупно 5.623 лица, а регистрирани се 212 смртни случаи.
Грчките медиуми објавија дека поголемиот број нови случаи повторно се во Атина и Солун, 38 и 35, додека, пак, 50 се на Халкидики, поврзани со фабрика за обработка на маслиново масло. Останатите случаи се распространети во различни делови на Грција.