Разорна експлозија го потресе центарот на либанскиот главен град Бејрут. Се уриваа тераси на зградите, се кршеа прозорци на куќите, а над градот надвисна огромен облак од прашина и чад налик на атомска печурка. Црвениот крст испрати 30 тимови да помогнат на повредените, а точната бројка на жртви се уште не се знае, но неофицијално станува збор за 50-тина луѓе. Иако, локалните медиуми јавуваат дека низ улиците лежат раскрвавени тела.
Околните објекти и куќи се урнати и оштетени, а под нив чекаат стотици луѓе да бидат извлечени.
По улиците збунето и во плач одеа повредените, со раскрвавени глави и други делови од телото. Чекаат да дојдат болничките возила.
Не се знае и точниот број на повредени, но болниците јавуваат за над 500-тини луѓе кои се донесени со тешки повреди. На голем дел од нив им се потребни операции, па болниците бараат дополнително крв.
Експлозијата се случи на пристаништето во Бејрут, во магацин каде се чувале петарди, но и други хемикалии, а причината за неа се уште не се знае. Луѓето сведочат за заглушувачката експлозија, која според нив е неверојатно нешто, иако градот беше сведок на граѓанска војна, и многу бомбардирња од Израел.
Бидејќи, сум видел автомобил-бомба и претходно во оваа област, и обиќно се гледа црн чад. Овојпат беше розев и бел, но беше огромен. Како вулкан. Беше нешто што не сум го видел никогаш, а звукот, чадот…Далечината на километрите до кои достигна, а многумина ја слушнаа, ова беше нешто што првпат се случува во земјава, сведочи Хади Насралах.
Експлозијата се случува во чусвтвително време за земјата, чиј економски колапс ги разгоре старите тензии. Но, исто така, на денешен ден трибуналот на ОН требаше да донесе пресуда на четворицата обвинети за убиство со автомобил – бомба на премиерот Рафик Харири во 2005 година. Но, Либан деновиве се соочува и со улични анти-владини протести поради неможноста на властите да се справат со економскиот пад. Затегнато е и на границата со Израел, каде речиси секојдневно има вооружени пресметки со терористичките групи.
Во моментот, пожарникарските екипи се уште се обидуваат да спречат пожарот да се разгори низ половина град. Но, веќе е јасно дека целото пристаниште е тотално уништено. Ноќта ќе биде долга, јавуваат медиумите, бидејќи спасувачите ќе ги извлекуваат заробените под урнатините.
Алиса Шутиноска