Гостивар по новозаразени е меѓу најбрзорастечките региони изминатиов период. Состојбата со ширењето на коронавирусот беше оценета како сериозна и алармантна на денешниот состанок Кризниот штаб за Општините Гостивар, Врапчиште и Маврово Ростуше. Според изнесените податоци, во трите општини има скоро 200 активно болни од кои најголемиот дел се од Општина Гостивар. 22 од заболените се хоспитализирани, додека останатите се асимптоматски или со благи симптоми и се во домашна изолација.
Маска, дистанца, високо ниво на хигиена, по кој знае кој пат повторуваат институциите во својот апел до граѓаните.
Во Тетово и околните општини, пак, од почетокот на епидемијата до сега има регистрирани 955 случаи на ковид 19. Во изминатите 10 дена бројките на заболени на дневно ниво се движеа од 3 до 13, со исклучок на саботата, кога имаше 32 нови случаи. Загрижува што речиси секојдневно во овој регион има починати лица. За 10 дена битката со вирусот ја загубија 11 пациенти.
И во двата града атмосферата е навидум нормална и граѓаните не се придржуваат доследно до мерките на заштита. Тоа го покажуваат и секојдневните казни на полицијата за неносење заштитни маски. Во изминатото деноноќие изготвени се 74 прекршочни платни налози за неносење заштита на лицето.
Данијела Билбилоска