Обвинителството со резолуција ја затвори постапката по известувањето на Наќе Чулев затоа што министерот за внатрешни работи сметаше дека незаконски следењето на комуникации во МВР се одвива преку ист кабел со Агенцијата за национална безбедност. Надлежните од ОТА тврдат дека иако станува збор за ист кабел, поставени се сите софтверски заштити за да не дојде до мешање на акциите на државната безбедност со истрагите за гонење на организиран криминал. Обвинителството одлучи дека нема случај затоа што станува збор за системски решенија.
Предметот со заедничкиот кабел за прислушување на МВР и на тајната полиција, односно Агенција за национална безбедност заврши на крај во скопското обвинителство и со одлука да се запре постапката и да не се отвори истрага по известувањето на министерот Чулев кој тврдеше дека се сторени две кривични дела Злоупотреба на службената положба и неосвесно вршење на службата. Чулев своето известување го прати до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција бидејќи станува збор за сомнежи за злоупотреби и незаконско постапување на службени лица за што надлежно е токму обвинителството предводено од Рускоска. Но обвинителството го пренасочи предметот во скопското. Чулев тврдеше дека наместо физички да се раздвои врската за следење на комуникации меѓу МВР и АНБ, таа оди преку ист кабел односно оди прво во АНБ која е во кругот на МВР, па потоа во секторот за организиран криминал на министерството. Тоа според техничкиот министер е незаконски и дава сомнежи дека АНБ ќе знае се за тајните истраги за организирна криминал. Обвинителството се информирало од сите надлежни институции МВР, АНБ, но од ОТА преку која технички се одвива прислушувањето и од каде тврдат дека иако е ист кабел има информатичка заштита за да не се мешаат каналите. На крај одлуката на обвинителството е да го отфрли предметот.
Јавно обвинителство: Произлезе дека реформата на безбедносниот систем, основањето и функционирањето на ОТА и на АНБ, како и начинот на извршување на нивните надлежности, претставуваат системски прашања и од кривично-правен аспект не постои основ за постапување.
Спорниот кабел се уште е во иста состојба како на крајот на мај кога беше откриен случајот- а од ОТА тврдат дека обвинувањата за мешање на каналите се неточни и дека се е законски. Обвинителството инаку е едно од контролните тела за надзор дали следењето на комуникации се врши законски или не. Досега нема откриен случај на незаконско прислушување.
Миомир Серафиновиќ