Клучен тест за Европската Унија. Ќе најдат ли 27-те земји членки излез од ќорсокакот во кој се најдоа во преговорите за високиот износ на пакетот финансиска помош за справување со економските последици од глобалната пандемија коронавирус. Продолжувањето на самитот е најдобра илустрации за длабоките поделби меѓу 27-те земји членки на унијата.
Дел од земјите тврдоглаво го бранат ставот дека предложениот пакет во износ од 750 милијарди евра е премногу голем и инсистираат дека средствата треба да бидат распоредени како заеми а не грантови.
Германската канцеларка Меркел и францускиот претседател Макрон, доцна синоќа ги прекинале жестоките расправии со групата држави предводени од Холандија, кои инсистираат на ограничување на грантовите кои треба да им се доделат на земјите чии економии се најтешко погодени од пандемијата, но и да се воведат остри услови за начинот на кој треба да се трошат парите.
Меркел и пред почетокот на денешната, трета рунда од преговорите, предупреди дека воопшто не е сигурно дека ќе има хепиенд во Брисел.
Денеска влегуваме во третиот ден на преговорите и секако ова е клучниот ден. Различните теми – големината на фондот, како тој да се управува и прашањето за владеењето на правото треба добро да ги решиме. Дали ќе има решение, се уште не можам да кажам. Има многу добра волја , но и многу различни позиции. Јас ќе продолжам со работа, но денеска може и да немаме резултат, вели Меркел.
Вонредниот самит под маски на ЕУ започна во петокот со единствена тема – усвојување на 7-годишниот буџет на ЕУ во износ од еден трилион или 1000 милијарди евра и фондот за обнова, кој треба да им овозможи на земјите да се справат со економските последици од пандемијата.
Ова е прва средба очи во очи на европските лидери по воведувањето карантини и затворање на границите во Март.
Суштината на конфликот е меѓу државите кои се најтешко погодени од пандемијата и оние кои се загрижени од високата цена на планот за опоравување.
Дел од државите кои го добија епитетот скромни, како Холандија, Шведска и Данска остро реагираа на пакетот, тврдејќи дека тој треба да биде во форма на заеми а не грантови.
Кога рековме заеми сами по себе, тогаш исто така ни требаат и реформи. Но, ако истовремено желбата на повеќе земји, најголем дел од земјите, е да претвориме дел од заемите во грантови, во тој случај луѓе, ние навистина мора да знаеме што ќе се случува. Имаме предлози за тоа, изјави холандскиот премиер, Марк Руте.
На другата страна од политичкиот ринг се државите како Италија и Шпанија кои очајно сакат да ги оживеат своите економии и го обвинуваат Брисел дека не направил доволно за да им помогне на земјите тешко погодени од пандемијата.
Италија пред е меѓу државите кои први имаа тешки последици од епидемијата и досега регистрирани над 35 000 смртни случаи – еден од најцрните биланси во светот.
Нашиот одговор мора да биде брз, колективен, јасен и мора да биде цврст и економски значаен. Има некои земји, на пример, ние силно се судираме со Холандија, како и некои други држави кои се во таканаречената “скромна” група, кои не сметаат дека има потреба од толку голем одговор, особено за веќе злогласните субвенции, но тие ги доведуваат под прашање и заемите исто така, оцени италијанскиот премиер, Џузепе Конте.
Пандемијата корона вирус и мерките без преседан воведени за нејзино запирање ја предизвикаа најголемата рецесија во историјата на ЕУ. Од Ковид -19 досега животот го загубија и околу 135 000 европски граѓани.
Никола Илиевски