Вести Македонија Топ тема

Топ Тема – За големите партии секогаш има пари од буџетот, за независните ниту пари, ниту мандати

Малку нешта се константи во Македонија а е една од тие константи се буџетските пари за финансирање на партиите, пари собрани од придонеси, акцизи, царини, даноци и казни.  Секоја година на сметките на партиите легнуваат неколку милиони евра со кои тие потоа располагаат а за кои има недоволен надзор. Кога има избори, а ги има речиси секоја година, дури и рекламирањето во медиумите го плаќа државата. На партиите останува само да ги смислат слоганите и изјавите со кои ќе настапат пред јавноста.

Анализата на Законот за финансирање на партиите дава одговор зошто од година во година коалициите се се побројни и зошто независните кандидати и листи немаат речиси никакви шанси како на избори така и да добијат пари од државата

Истражувањето на ИРИ покажа дека за 10 години, во периодот од 2011 до 2021 година, од државниот Буџет се исплатени 26,5 милиони евра кон политичките партии во државата.

Како што може да се види од табелата износите кои се исплаќаат се различни од година во година. Тоа се должи на измените на процентот од Буџетот кои се одвојуваат за партиите како и висината на Буџетот.

Ако во 2011 година се одвојувале 0,06 отсто од Буџетот кој изнесувал 138 милијарди денари, во 2019 одина се издвојувале 0,15 отсто од Буџетот која тогаш изнесува 202 милијарди денари за со последните законски измени процентот да падне на 0,10 отсто од планираните 203 милиради буџетски денари.

По години гледано најмногу пари се исплатени во 2014 година – 53 милиони денари или 840 илјади евра а најмногу во 2019 година – 315 милиони денари или 5,1 милиони евра.

По партии гледано, најмногу пари легнале на сметката на СДСМ – 6 милиони евра, потоа е ВМРО – ДПМНЕ со 5,7 милиони евра и секако ДУИ на третото место со речиси 3 милиони евра.

Тука мора да се напомене дека во анализираниот период ВМРО – ДПМНЕ подолго време се задржа на власт но потоа се зголеми и висината и на Буџетот и на парите кои се исплаќаат па затоа СДСМ води на оваа листа.

Според постоечките законски регулативи 30 отсто од предвидените пари се за партиите кои на последните локални или парламентарни избори освоиле најмалку 1 отсто од излезените гласачи и се делат подеднакво а 70 отсто се за партиите кои на последните парламентарни или локални избори освиле пратенички, градоначалнички или советнички мандат.

Во изминатите 10 години вкупниот број на мандати, пратеници, градоначалници и советници, се зголеми за 52 и од почетните 1.376 сега изнесува 1.428. Во анализата на ИРИ е пресметано дека мандатот најмалку чинел во 2011 година 40.698 денари а најмногу во 2019 година – 149 илјади денари. Ова е сумата која ја добиле партиите за секој освоен мандат таа година. Во 2020 и 2021 година, кога се кубуреше со секој денар заради пандемијата со Ковид мандатот чинеше 97 односно 104 илјади денари.

Бројките, а законската поставеност, покажуваат дека малите партии речиси и немаат шанси да се приближат до државното финансирање и затоа во секој нов изборен циклус имаме се побројни партиски коалиции а се помалку независни листи и групи на избирачи кои речиси никогаш не добиле денар од државната каса.

 

Од 2015 година се воведува уште една ставка за финансирање на партиите, 320 илјади евра годишно се наменети за партиско истражувачките аналитички центри а исплатата почнува од 2018 година.

280 илјади евра се директно за центрите а 40 илјади евра за обука на партиски аналитичари и истражувачи. На почетокот аналитички центри имаат СДСМ, ВМРО – ДПМНЕ и ДУИ а потоа се формираат и во БЕСА и Алијанса за Албанците.

Досега се исплатени речиси 1,3 милиони евра за овие центри а по партии гледано најмногу добиле во ВМРО – ДПМНЕ 365 илјади евра и СДСМ 342 илјади евра.

Партиите секако имаат законска можност и за приватно финансирање кое оди преку членарина, донации, кредити.

Сумите се ограничени па така членарината на годишно ниво не може да биде повисока од една просечна плата а донацијата повисока од 30 односно 60 просечни плати во зависност дали се работи за човек или фирма.

Анализата на ИРИ покажува дека кај донациите има благ раст додека паѓа сумата која се уплаќа за членарина.

Интересно е што партиите се доста ревносни кога станува збор за добивање на буџетски пари но не толку експедитивни кога станува збор за доставување на  извештаите за донации и финансиско работење, нешто на што со години наназад укажува граѓанскиот сектор и Антикорупциската комисија .

Финансирањето на партиите надлежните го оправдуваат и објаснуваат така што тврдат дека со тоа се намали влијанието врз партиите од поединци кои ги финансираат, нешто со што многумина не се сложуваат.

 

На крајот би сакал да повлечам една паралела.

Училиштето Киро Глигоров, во скопската населба Капиштец,чија изградба заврши во 2019 година чини 6 милиони евра и со 26-те милиони евра кои во изминатите 10 години ги добија партиите ќе можеше да се изградат барем четири такви училишта низ државата.

Анализа на Огнен Чанчаревиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Илјадници Романци на проевропски протест пред вториот круг од претседателските избори

Дејан Дејан

Бомбашки напад во Судан: Загинаа 14 членови на едно семејство

Дејан Дејан

Пакистан ја обвини Индија за ракетни напади врз воени бази

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе