Вести Свет

Прв круг од претседателските избори во Франција – Макрон и Ле Пен со најголеми шанси за вториот круг

49 милиони Французи имаат можност денеска да гласаат за новиот Претседател на државата, или можеби поточно кажано, кои од дури 12-те кандидати ќе учествуваат во вториот круг од гласањето, по 14 дена.

Кампањата за овие избори помина во сенка најпрвин на пандемијата Ковид-19 а потоа и Руската инвазија на Украина.

44 годишниот Емануел Макрон, кој го бара својот втор 5-годишен мандат, малку време потроши во кампањата, фокусирајќи се наместо тоа на Европската реакција на војната во Украина.

Кога дојде на власт во 2017-тата година, Макрон ги порази двете доминантни политички опции во државата дотогаш, Републиканците на десниот центар и Социјалистите кај левицата, кои се уште се мачат да ја вратат довербата на Французите.

Главните ривали за Макрон сега се Марин Ле Пен од крајната десница и Жан Лук Меленшон од левицата.

Гласачките места се отворија во 8 часот наутро во внатрешноста на Франција а ќе завршат во 20 часот. Тоа што додава на неизвесноста е фактот дека според едно од последните истражувања на јавното мислење дури 37% од граѓаните се уште не донеле одлука за кого ќе гласаат.

„Вистина е дека сме малку загрижени. Јас сум загрижена заради овие поделби, но загрижена сум и заради овие екстремни движења. Се надевам на Претседател кој ќе успее во обединувањето на Французите“ – вели една гласачка.

„Јас секако сум многу загрижена. Дури и Макрон повторно да биде избран, пак ќе биде многу тешко. Има големи шанси кои ги пропуштивме. Ковид, Украина па дури и панелот за климатски промени, тие ни требаа за нови предлози, нови идеи и нови акции. Но, сега ги кажуваме истите изјави. Секако, ќе биде многу тешко“ – додава друга гласачка.

„Големо прашање. Што очекуваме од изборите? Иднината на Франција се одлучува. Овие денови пред се очекуваме мир. Исто така очекуваме просперитет и општи политики за заеднички живот. Тоа е најважно. Тоа што на Франција сега и треба е заеднички живот и заеднички вредности кои ги цениме, како слободата и секако секуларизмот, но исто така и еднаквоста која се мачиме да ја најдеме во општеството, иако ни е напишана на ѕидовите на нашите општински совети“ –смета еден млад Французин.

До пладне, на гласачките места се појавиле 25 отсто од регистрираните избирачи, три проценти помалку од изборите пред 5 години и најнизок одзив во последните 20 години.

Проценките се дека дури 28 проценти од луѓето со право на глас може да апстинираат а најмал интерес покажуваат младите луѓе на возраст од 25 до 34 години.

Откако доживеа дебакл во вториот круг од изборите во 2017-тата, Ле Пен се обиде да го ребрендира својот Национален Фронт, иако многу од политиките и останаа непроменети.

На овие избори, таа дури делува поумерено во според со ривал од крајната десница Ерик Земур.

Француската економија можеби е во солидна состојба и невработеноста изнесува само 7,4 %, но обичните луѓе не ги чувствуваат придобивките.

Во продавниците, на пазарите, на бензинските пумпи, цените се зголемуваат , додека растат и цените на електричната енергија.

Голем дел од кандидатите затоа ветуваат и зголемување на минималната плата, во некои случаи и за повеќе стотици евра.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Недоволен буџет за здравствена заштита и застој во изградбата на нови болници, регистрираат ревизорите во извештајот за 2023

Дејан Дејан

Рашче под притисок, дивите приклучоци го уништуваат капацитетот

Дејан Дејан

Разговори за можно примирје во Појасот Газа во Белата куќа- Нетанјаху на вечера кај Трамп

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе