Ковид19 Македонија

Бремената жена со анти-Ковид вакцина се штити и себеси и бебето и нема штетни последици, едногласни се докторите

Медицината со сè повеќе докази – бремените жени треба да примат анти-Ковид вакцини. Не само прва или втора доза туку можат и трета засилувачка за имунитетот.

Овие препораки ги објави Институтот за јавно здравје и се базирани на истражувањата и студиите на Центарот за превенција и контрола на болести на САД, европската ЕМА, и универзитетот „Џонс Хопкинс“.

Во студиите, меѓудругото, се наведува дека бремените жени имаат поголема веројатност да се разболат од Ковид-19 со последици, како и тоа дека нема никакви докази дека било која вакцина вклучувајќи ги оние против Корона, предизвикуваат проблеми со плодноста кај жените или мажите.

Експертите ја препорачуваат вакцинацијата кај жените кои се бремени, кои дојат, се обидуваат да забременат сега или планираат во иднина.

„Бременоста сама по себе е состојба на една имунолошка заспаност. Тоа значи дека целокупниот имун систем кај една бремена жена е ставен во мирување. Има една многу природна причина зошто е тоа така – а, тоа е дека жената носи плод, условно кажано има трансплантант којшто само 50% има нејзини гени, а останатите се на таткото. Во нормални услови, жената би го отфрлила тоа нешто меѓутоа природата се погрижила да износиме еден плод на тој начин што ќе го стиши имуниот систем. На таква жена со стишен имун систем секој инфективен агенс јасно е дека може да направи посериозна клиничка слика отколку кај истата таа жена, со истите коморбидитети, на истата возраст – доколку не е бремена“ изјави Доц. Д-р. Кристина Скепароска, специјалист гинеколог во „Мајка Тереза“ – Чаир.

Не само заштитата на мајката туку вакцините играат улога и во заштитата на бебето, се вели во извештајот на Институтот за јавно здравје.

Антителата создадени откако бремената жена примила вакцина против Ковид биле пронајдени во крвта од папочната врвца.

Тоа го потврдува и доцент доктор Скепароска, која вели дека е многу важно бебето да биде заштитено од инфекција.

„Она што е јасно е дека тие антитела како може да го поминат крвниот апарат на дојката и низ млекото да се секретираат, секако можат да ја поминат и постелката и уште во утробата на мајката плодот да биде снабден со антитела. И сега, имате едно новородено коешто се учи да дише самостојно, да одржува температура самостојно, да јаде за првпат самостојно – колку е важно во првите моменти да го заштитите од инфективни агенси, а камоли од Ковид, вирус за којшто реално се уште учиме“ изјави Доц. Д-р. Кристина Скепароска, специјалист гинеколог во „Мајка Тереза“ – Чаир.

Во меѓувреме, стапката на вакцинација кај бремените жени во земјава е прилично ниска, ако се суди според статистиките коишто се водат на Гинекологија и акушерство.

Во јануари биле примени 90 позитивни трудници. Во целата 2021 година, 248 е вкупната бројка на приеми во Ковид центарот на ГАК.

Нешто повеќе од 20 проценти од хоспитализираните бремени жени во Ковид-центарот биле вакцинирани.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Се гасне пожарот во реонот на Блаце

Дејан Дејан

Народна банка: Сѐ повеќе граѓани плаќаат со платежни картички

Дејан Дејан

Пред два месеци заврши тендерот за инсулин, а уште немаме терапија, реагираат дијабетичарите

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе