Најважни Свет

НАТО го зајакнува источното крило, Москва обвинува за ширење хистерија

Велика Британија и САД одлучија да го намалат бројот на персоналот во своите амбасади во Киев, дополнително зголемувајќи ги стравувањата дека руската инвазија на Украина е неминовна. За разлика од нив останатите европски сојузници за сега не планираат такви чекори, а шефот на европската дипломатија Жозеф Борел изјави дека нема потреба од дополнително драматизирање на ситуацијата додека сѐ уште има шанса за дипломатско решение.

Нема да го направиме истото бидејќи немаме никакви подетални причини за тоа. Но Државниот секретар Блинкен ќе нѐ информира, и мислам дека не треба толку да драматизираме се додека траат преговорите, а тие продолжуваат. Мислам дека не треба да ја оставиме и напуштиме украина, но можеби секретарот Блинкен има повеќе информации кои ќе ги сподели со нас, изјави Борел.

За разлика од Брисел, од Лондон пристигна поостро предупредување. Британскиот премиер Борис Џонсон вели дека според разузнавачките информации на украинската граница има 60 руски борбени групи и нивниот план за дејствување е очигледен, но и дека тоа би бил катастрофален потег на Москва.

Но мораме да ја пренесеме пораката дека инвазијата на Украина од руска перспектива ќе биде болна, насилна и крвава афера. Мислам дека е многу важно да луѓето во Русија сфатат дека ова може да стане новата Чеченија, порача Џонсон.

Следејќи го овој развој на ситуацијата НАТО одлучи да го зајакне источното крило, испраќајки дополнителни борбени бородови и ловци на територијата на своите источноевропски членки и партнери, и ги стави своите сили во состојба на готовност. Овој потег ја натера Москва да ги обвини САД и НАТО за зголемување на тензиите и предизвикување хистерија, и тврди дека според нејзините информации украинската војска е таа која што се подготвува за офанзива во самопрогласените републики.

Вистината е дека таквата закана постои. Ние би сакале НАТО земјите, во сите нивни посебни соопштенија да го повикаат Киев да се откаже од идејата за користење сила за разрешување на ситуацијата. Сѐ уште ги чекаме пишаните одговори на нашите предлози, чија цел е избегнување на вакви тензични ситуации во иднина, изјави портпаролот на Путин, Дмитриј Песков.

На првата рунда преговори кои се одржаа пред 10-тина денови во Женева, Русија испорача неколку барања, како гаранции дека Украина никогаш нема да му се приклучи на НАТО и намалување на военото присуство на северноатланската алијанса во источна Европа. За некои од овие барања, како забраната Украина да ѝ се приклучи на алијансата, НАТО воопшто не сака да разговара, што создава еден навидум нерешлив ќорсокак, за кој многумина стравуваат дека може да заврши со војна.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Единство на Црквата, дипломатија, финансии – дел од предизвиците за папата Лав XIV

Дејан Дејан

Васил Јованов призна вина, родителите на Фросина бараат максимална казна од 20 години – пресудата на 13 мај

Дејан Дејан

Телма со детали за убиството во Штип кое личи на сцена од гангстерскиот филм „Кум“- пресметка на двајца турски државјани во кафуле, полициска потера и организирано бегство со две коли

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе