Луѓето на улиците во Белград ги извадија разни работи. Главно е незадоволството од актуелната политика на претседателот Вучиќ.
Неразумните мерки околу епидемијата, изборите кои беа спроведени во лоши услови, постојано обвинување на народот дека е виновен, без да се согледа одговорноста на власта, која потоа правеше прослави, по што се разболеа многумина, дозволата да се одигра фудбалски натревар со 20 илјади луѓе, со што ја купија наклонетоста на навивачите од цела индустрија која работи за изборите. Тоа граѓаните го чувствуваат и навистина им беше доста, вели во разговор за Телма, новинарката Весна Малишиќ.
Целиот хаос што се случува во Белград дополнително го зголемуваат и сомневањата дека меѓу демонстрантите се уфрлени и припадници на тајната полиција, кои намерно предизвикуваат инциденти, за да се делегитимираат барања на мирните демонстранти.
Првата вечер излегоа луѓето, тука беа левичари и десничари, и граѓанските опции, и сите можни. Мислам дека власта сфати дека расте незадоволството, и на некој начин се обиде со вметнување на разни групации, и предизвикување хаос таа прва вечер, да ги компромитира. Ова синоќа што беше, јас тоа никогаш не сум го видела во Белград. Ниту таа структура на луѓе кои беа на протестот, ниту однесувањето на полицијата, вели новинарката Весна Малишиќ, уредник во НИН.
Во моментов, никој не ги води протестите. Опозицијата се уште нема капацитет да ги преземе, бидејќи е демонизирана на сите можни начини.
Со години националните медиуми ги напаѓаат и сатанизираат опозициските лидери, до тој степен, што веќе им се згадија на луѓето, вели Малишиќ. Смета дека оваа анархија не е без режија и верува дека опозицијата во овие моменти наоѓа начин како да делува.
Мислам дека опозицијата најверојатно ќе се консолидира, незадоволството на граѓаните е огромно, и сега самите бараат пат до граѓаните. Но во овој момент е многу хаотично и мислам дека и тие прават некоја стратегија да се оттргнат од десничарите, кои се уфрлуваат и им го компромитираат протестот, смета Малишиќ.
Вчерашните протести беа најагресивните во изминативе 4 дена. Фрлани беа камења, запалени факели, корнети дрвја, што на крај резултираше со демолиран Белград, повредени 14 полицајци, а уапсени 71-дно лице. И новинарите не беа поштедени. Дел од аналитичарите сметаат дека виновни се нефункционаните институции и прстот е вперен во Вучиќ кој по секоја цена ја сака власта. Како ќе завршат протести и во која насока ќе одат останува да се види. Но, според аналитичарите, ова е пресвртот кога ќе треба да се одлучи дали Србија ќе влезе во отворена диктатура или ќе си ја врати демократијата.
Алиса Шутиноска