Вести Македонија Најважни

Македонско „да“ и бугарско „не“ за европскиот предлог за одблокирање на стартот на преговорите

Македонско „да“ и бугарско „не“, е одговорот на европскиот предлог, потпишан од португалскотот претседателство за надминување на блокадата за старт на преговорите со Македонија. Донесен лично од шефот на португалската дипломатија Агустос Сантош Силва и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи прво во Софија, па во Скопје, предлогот предвидува обвски за двете земји за откочување на процесот за земјава. Македонија би требало да изготви акциски план за спроведување на Договорот за добрососедство, кој би бил контролиран преку Процесот за Стабилизација и асоцијација, а не со преговарачката рамка за земјава. Со тоа билатералното прашање би се тргнало од преговорите, а би се префрлило во друг европски процес на земјава, со што би ја задржало европската контрола во спроведувањето.

Предлогот содржи и пасус за македонскиот јазик и за историските прашања. За јазикот предлогот е Македонија да прифати дека го кодифицирала јазикот во 1945, но без да се навлегува во потеклото на јазикот, додека во решавање на историските прашања да се вклучат странски експерти. Македонија и Бугарија исто така би требало и со еднострани декларации да се спогодат околу употребата на долгото и краткото име на земјава.

Но ако ваквите предлози од македонска страна се оценети како добра основа за решавање на проблемот, што беше соопштено од премиерот Зоран Заев:

„Во овој момент јасно и одговорно можеме да кажеме дека предлогот е добра основа за постигнување решение за проблемот… За нас, особено важно е што со ова предлог решение никако не се допира и не се навлегува во нашите македонски идентитетски прашања, со што нашата круцијална позиција е задоволена, а силно сме убедени дека предлогот е добра основа и за круцијалните позиции на Бугарија“, изајви Заев.

Од бугарска страна беа отфрлени со изјава дека Бугарија останува на своите декларирани позиции и барања.

„Сакам да нагласам дека по оваа тема имаме континуитет и не може да се очекува промена на националната позиција на Бугарија во однос на Република Северна Македонија. За нас е од клучно значење одржувањето на добрососедките односи и зачувувањето на неопходните гаранции за исполнување на Договорот за добрососдество од 2017 година“, рече Светлан Стоев, министер за надворшени работи на Бугарија.

Бугарските медиуми одат и чекор понатаму во објаснување зошто предлозите не се прифатливи за Софија велејќи де предлогот не го решава проблемот и со префрлање на спроведувањето на Договорот за добрососедство во Процесот за стабилизација и асоцијација на Бугарија и се оневозможува да реагира, поточно да ја блокира Македонија во преговорите доколку таа не ги исполнува преземените обврски. За Бугарија според бугарските медиуми е спорно и тоа што се предлага признавање на датумот на кодификација на македонскиот јазик, што никогаш не било спорно, туку потеклото на јазикот, а вклучување меѓународни експерти во историската комисија е спорно бидејќи тоа веќе претходно било одбиено од Бугарија.

Инаку предлогот доби бугарско „не“ уште пред да слета на софискиот аеродром откако негативно за него се изјасни екс-шефицата на бугарската дипломатија, а која денеска заедно со поранешниот премиер на Бугарија, Бојко Борисов, се сретна со Силва и Вархеи. Захариева уште синоќа на „фејсбук“ напиша дека предлогот е неприфатливза Бугарија бидејќи е целосно спротивен на нејзините рамковни позиции и не и нуди никакви гаранции.

Силва и Вархеи пак откако ги добија одговорите рекоа дека е добро што очи во очи ги слушнале двете страни. Силва испрати речиси идентична порака и од Софија и од Скопје, дека е важно преговорите да започнат.

„Како Претседателство сега подобро ги разбираме позициите, интересите и идеите на Република Северна Македонија и тоа ќе ни помогне во нашата работа како Претседателство“, рече Силва во Скопје.

Во Софија Силва рече:

„Сега е времето за директни, лице в лице, политички консултации овде во Софија со Бугарските власти. Овие политички консултации ќе бидат клучни за процесот кој е во тек и се многу важни за португалското претседателство“.

Вархеи пак изјава даде само во Софија со порака дека е да се слушнат бугарските ставови за да се дефинираат идните чекори.

„Ние сме на клучниот крстопат, министерот веќе кажа, за одлуки кои може да ги направиме и треба да ги направиме и од таа причина сме тука да имаме политички дијалог со Бугарија и да видиме како може заедно да продолжиме натаму“, рече Вархеи во Софија.

Вархеи кој не даде изјава во Скопје по средбата со Заев и вицепремирот Никола Димитров и шефот на дипломатијата Бујар Османи, на беше на средбата кај претседателот Стево Пендаровски, за што, како што неофицијално дознава Телма, објаснувањето било дека мора да ги фати авионските конекции за назад кон Брисел.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Сенатот го усвои „големиот прекрасен закон“ на Трамп

Дејан Дејан

Топлотен бран ширум Европа – повеќе земји бележат рекордни температури за овој период од годината

Дејан Дејан

Изборниот законик пример за различни предизвици во реформската агенда

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе