Од 70 милиони евра, колку што се проценети реформите кои требаше да се спроведат до 30 јуни, Македонија засега нема да може да бара 40 милиони евра, бидејќи три министерства не ги исполнија преземените обврски и овие пари може да ги бараат само ако во следните 12 месеци, ги спроведат реформите. Премиерот вели тоа не е точно и дека парите ќе бидат исплатени бидејќи реформите биле спроведени.
„Па не би рекол дека доцнат три министерства со клучните реформи. Ние сме над оној просек како држава кој го спомена комесарката Кос од 75 проценти. Ние сме некој процент над тоа со законите кои се во моментот во Парламентот и многу скоро денеска ќе биде сето тоа завршено и ќе бидат исполнети тие обврски кои се преземени со планот за раст“ изјави Христијан Мицкоски, премиер.
Но, Телма ги анализираше преземените обврски на пет министерства на кои треба да бидат исплатени овие 70 милиони евра.
Министерството за енергетика доби 8 милиони со носењето на законот за енергетика, но колку ќе бидат исплатени зависи од евалуацијата, бидејќи не се донесени сите подзаконски. Но од друга страна, енергетика е во минус од 10,7 милиони евра затоа до вчера не ги спроведе реформите со кои се предвидуваше државната интервенција во цената на струјата да се намали на 70 проценти и ако се донесе планот за енергетски обновливи државни објекти, што засега не е сторено.
Следно е министерството за економија на кое требаше да се исплатата 11,3 милиони евра но само ако исполни три проекти меѓу кои е и укинување на 28 од вкупно 377 парафискални давачки.
Најмногу пари требаше да добие, односно ќе изгуби, министерството за правда 12,8 милиони евра. Доколку беа донесени законите за судски совет, изборниот закони и измените на законот на плати на судии и обвинители министерството веќе од денес ќе можеше да бара повлекување на овие средства.
Финансии, вчера на истекот на рокот, го донесе регистарот на државни претпријатија и акционерски друштва и ќе може да аплицира за 4,2 милиони евра од планот за раст.
Министерството за дигитализација целосно се квалификуваше за исплата на средствата во висина од 19,2 милиони евра откако во петокот пројде пакетот од четири закони во Собранието.
Огнен Чанчаревиќ