Покрај Георги Димитров, заинтересираноста за упис во средните училишта е голема и во гимназијата Орце Николов, а се полнат и стручните паралелки. Во тек е вториот рок,а министерката Јанвеска задоволна од запишувањето во средните стручни училишта, најави квалификациско тестирање во некои од скопските гимназии.
„Орце Николов има само шест слободни места има малку поголем број на пријавени, веројатно ќе има квалификационен испит но се уште не знаеме до крај на денот ќе треба да ги видиме резултатите рангирањата. Секаде има доволен број на пријавени, како што веќе знаете обврзно е и средното образование во Македонија и сите ученици ќе мора да се запишат. За жал некои ќе немаат избор, но тоа зависи од нивниот успех и нивното вложување во минатото“, вели Весна Јаневска министерка за образование и наука.
Новина во образовниот систем се електронските свидетелства кои ќе бидат достапни од следната година. При запишување во средните училишта и факултетите, родителите и учениците нема да имаат потреба да ги носат документите. Образовните институции ќе имаат директен пристап до електронските свидетелства преку поврзаниот систем, додава Јаневска.
„Родителите и децата и немаат потреба да го имаат свидетелството во раце освен што можеби тоа е начин некако социјално да се дружат, да се пофалат, да се израдуваат, па некои и да се разочараат за да вложат повеќе труд. Тоа ќе можат да одлучат учениците и родителите. Впрочем училиштето секогаш може да искористи еден до два топа хартија од по 500-тини денари за да им даде некаков вид на документ на децата дека еве завршиле четврто, петто или шесто одделение“, вели Весна Јаневска министерка за образование и наука.
Јаневска смета дека населението не е подготвено и постои одреден процент на дигитална неписменост во руралните средини, каде ако не им се даде документот во раце, луѓето не знаат како се завршила учебната година. Очекува догодина најголем дел од свидетелствата да бидат само во дигитална форма.
Симона Петровска