Иранскиот режим ја искористи денешната погребна церемонија за загинатите генерали и нуклеарни научници за време на 12 дневниот конфликт со Израел, за да го прикаже единството на нацијата пред западните земји. Стотици илјади иранци ги наполнија улиците за да им оддадат почит на жртвите, а дел од нив пред малкуте западни медиуми во Техеран даваа пркосни изјави.
Ова не е примирје, ова е само пауза. Што и да направат тие, нашиот одговор дефинитивно ќе биде разорен, вели Ахмад Мусапур од Техеран.
Ковчезите со телата на командантот на Револуционерната гарда, генералот Хусеин Салами, шефот на ракетната програма Амир Али Хаџизаде и останатите офицери на режимот во поворка поминаа низ центарот на иранската престолнина, додека толпата извикуваше „Смрт за Америка“ и „Смрт за Израел“.
Со Божја помош, како одмазда за пролеаната крв на овие маченици, Америка и Ционистите ќе ги испратиме во пеколот, порача Пашеи од техеран.
Неколку дена откако Трамп го прогласувањето стапувањето во сила на примирјето, воздушните напади престанаа но анимозитетот тлее и кај двата народи.
Операциите кои Израел ги изврши во Иран ќе купат малку време за мир, но мислам дека тоа нема да трае вечно. Примирјето го гледам како привремено а не како конечно решение, вели студентот од Тел Авив Роберт мариам.
Победа во кратката конфронтација прогласија и Тел Авив и Техеран, додека Вашингтон со денови најавува продолжување на преговорите за нуклеарната програма, кои беа прекинати. Американскиот претседател инсистира дека Иранците се нетрпеливи да седнат на преговарачка маса, но од Исламската република жестоко демантираат.
Не, нема никаков договор за рестартирање на преговорите. Ова отворено го кажувам, нема договорено средба, ниту дадено ветување, воопшто и не сме разговарале за рестартирање на преговорите, изјави иранскиот министер за надворешни работи абас арагчи.
Сепак, Трамп уверува дека Иранците испраќаат други пораки преку дипломатските канали.
Тоа го велат пред вас. Мислите дека не сакаат да се сретнат со мене? Мислите дека немаме санкции против кои не можат ништо? Зарем мислите дека не сакаат да се видат со мене. Тие не се глупави луѓе, но претрпеа и страдаа многу. Исто и Израел, Израел многу страдаше. Беа тоа ужасни 12 денови, рече трамп.
Откако инсистираше дека целта на американската интервенција во конфликтот не е смена на режимот, туку неутрализирање на нуклеарната програма, пред да кокетира со таа идеја и повторно да се предомисли, сега Трамп постојано зборува за преговорите. За разлика од него, Нетанјаху копнее по таа можност и тоа никогаш не го криел.
Но, уште за време на бомбардирањата режимот во Техеран се впушти во хајка против евентуалните дисиденти на домашен терен, маскирајќи ја таа операција со апсења на соработници на израелските разузнавачи. Иако е длабоко непопуларен кај мнозинството Иранци, режимот засега умешно ја користи репресијата и пропагандата за да го гарантира сопствениот опстанок.
Игор Трајков