Вести Свет Топ вести

Уапсени стотици соработници на Израел во Иран

Иранските власти спроведуваат масовна акција за апсење и егзекутирање на осомничени соработници на Израел по 12-дневниот конфликт со Тел Авив за која дисидентите предупредуваат дека може да биде злоупотребена за искоренување на било какво незадоволство против режимот.

Апсењата и егзекуциите започнаа, речиси, веднаш по првите израелски напади, кога режимот во Техеран соопшти дека започнува жестока битка против израелските и западните разузнавачки мрежи во Иран. Државните медиуми соопштија дека досега се уапсени најмалку 700 лица, а шестмина биле погубени по експресни судски процеси кои, според дисидентите, се пракса на режимот.

Во меѓувреме, САД и Иран продолжија да се демантираат едни со други за тоа кога и дали воопшто ќе продолжат преговорите за нуклеарната програма кои беа прекинати со израелските напади.

Американската администрација, во паузите меѓу моментите кога не се обидува да ја убеди јавноста дека иранските нуклеарни капацитети се, речиси, тотално уништени, инсистира оти дипломатските контакти со Техеран не прекинале. Трамп дури и најави нова рунда преговори идната недела.

„Во моментов со Иран сме на дипломатски пат. Претседателот и неговиот тим, односно специјалниот пратеник Виткоф ја продолжуваат комуникацијата со Иранците, а особено со нашите арапски партнери во Заливот, за да постигнеме договор со Иран“, изјави портпаролката на Белата куќа, Керолајн Ливит.

Но, Иранците инсистираат дека не само што нема договорено датум за средба, туку воопшто не се разговарало за продолжување на преговорите.

„Со оваа војна Американците ги направија преговорите многу покомплицирани. Следните преговори за Американците воопшто нема да бидат полесни од претходните“, рече Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.

Арагчи призна дека иранските нуклеарни капацитети претрпеле сериозна штета од израелските и американските напади, дополнително потхранувајќи ја дебатата во САД.

По 12-дневниот конфликт, сите страни прогласија победа и постигнување на сите свои зацртани цели, што наведува дека освен жртвите, големата материјална штета и поткопаниот престиж на сите учесници, таа само го зацврсти статус квото во регионот.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Синот на норвешката принцеза осомничен за три случаи на силување и 23 други кривични дела

Дејан Дејан

Врховниот Суд на САД ја ограничи моќта на судиите да ги блокираат извршните наредби на Претседателот Трамп на национално ниво

Дејан Дејан

Паднати дрвја и поплавени улици и патишта поради невреме во Тетово

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе