Обвинителен предлог против 54-годишно лице поднесе основното јавно обвинителство Скопје кое е осомничено дека пред една недела во алкохолизирана состојба ја нападнало и ја повредило својата сопруга во нивниот дом во скопската населба Бутел.
Осомничениот, како што соопштија денеска од Јавното обвинителство, се товари за кривичното дело телесна повреда при вршење семејно насилство, согласно член 130, став 2, а во врска со став 1 од Кривичниот законик.
За ова дело според КЗ е предвидена затворска казна од шест месеци до три години.
Според краткиот опис на делото, осомничениот на 20 јуни влегол во спалната соба во семејниот дом на улицата „Бутелска“ и почнал да ја навредува сопругата, држејќи чадор во раката.
Откако жената се повлекла кон дневната соба, тој почнал да ја влече, а потоа ја удрил со чадорот по глава, по што таа паднала на падот.
„Во тој момент, обвинетиот започнал да ја дави и продолжил да ја удира со чадорот по целото цело, а таа обидувајќи се да се оттргне од него, повредена се влечела по подот до ходникот“, се наведува во соопштението на обвинителството.
Жената го пријавила случајот во полиција, откако успеала да се доближи до влезната врата, која била отворена, и да излезе надвор.
Јавен обвинител кој го води случајот побарал на осомничениот да му биде продолжена мерката притвор, бидејќи, како што оценил, сè уште постојат основите поради кои таа првично му била определена.