Европратениците кои поднесоа амандман на Извештајот за Македонија во Европскиот парламент за именување на македонскиот јазик и идентитет како „модерни“, премиерот, Христијан Мицкоски, ги нарече лицемерни и ги спореди со Русија и тоа што таа и го прави на Украина со негирање на нејзиниот јазик и нација. За Мицкоски тоа што амандманот за модерен македонски јазик и идентитет не влезе во Извештајот за земјава, не е мала победа, туку големо разочарување.
„Имаше обид од одредени европарламентарци да се креира нова нација и нов јазик во 21 век во Европа. Тоа што тие истите обвинуваат дека Русија прави во Украина, со негирање на идентитетот на Украинците, јазикот и т.н., вчера одредени европарламентарци се обидоа да му го направат на овој малуброен македoнски народ“, рече Мицкоски.
Инаку предлогот за придавката „модерен“ пред македонскиот јазик и нација дојде од групата на Европските народни партии, соопштен усно лично од координатор на групата Михаел Галер, кој инаку доаѓа од редовите на германската партија ЦДУ.
Галер вчера откако амандманот не помина, најави дека истиот амандман ќе биде поднесен и на пленарната седница на Европскиот парламент кога ќе се разгледува извештајот за Македонија, за што, како што рече биле согласни и пратеничките групи на социјалдемократите, на зелените и на Обнова на Европа.
Мицкоски и покрај разочарувањето од потегот кој дојде од групата на сестринските европски партии на ВМРО-ДПМНЕ, сепак е задоволен оти тоа ја разјаснило една друга дилема.
„Ниту идентитетот е бетон, ниту јазикот е бетон, како што некои измамници во политиката не убедуваа изминативе три години“, изјави Мицкоски.
Премиерот најави борба против амандманот на пленарната седница на Европскиот парламент, но како што изјави, не знае дали ќе биде успешна.
На вчерашното изгласување на Извештајот за Македонија во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент реакција стигна и од бугарското МНР, од каде ја поздравија решеноста на Комитетот за надворшени работи на Европскиот парламент да не биде вовлечен, како што наведуваат, во шпекулативни националистички наративи поврзани со тврдења за „вековен македонски идентитет“.
„Бугарија постојано изјавува дека нема забелешки на современите, модерни, перцепции за идентитетот на која било поединец или заедница – тоа е прашање на личен избор. За жал, манипулативното толкување на овој став од страна на властите во Скопје честопати служи како изговор за неисполнување на преземените обврски. Ова е една од причините за одложувањето на процесот на европска интеграција на Република Северна Македонија“, се наведува во соопштението на бугарското МНР.
Притоа од Бугарија се изразува загриженост за во врска со политиките на Македонија по две прашања и тоа – гарантирање на правото на Бугарите на самоопределување, без страв од прогон и дискриминација и спречување на провокации против милиони бугарски граѓани од кои, како што се наведува во реакцијата на бугарското МНР, многумина се потомци на Бугари од географскиот регион Македонија.
Реакција на амандманот со придавката „модерен“ имаше и претседателката Гордана Сиљановска Давкова, според која амандмани за идентитетските прашања, се ад акта, бидејќи сите договори на ЕУ и за основните права гарантираат почитување на националниот идентитет и на јазичната различност.
За Извештајот за Македонија се огласи бугарскиот претседател, Румен Радев, кој изрази жалење што амандманот за модерен македонски јазик и идентитет на поминал.
Тамара Грнчароска