СДСМ реагира на последните случувања во Европскиот парламент, нарекувајќи го денешниот потег на Европската народна партија – сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ – како сериозен дипломатски пораз за Христијан Мицкоски.
Амандманот со кој се предлага воведување на терминот „модерен македонски јазик“ бил поднесен од Михаел Галер, координатор на ЕПП и член на германската ЦДУ – партија со која ВМРО-ДПМНЕ се гордее со долгогодишно партнерство.
Според СДСМ, овој потег е удар врз позициите на државата, но и големо понижување за ВМРО-ДПМНЕ, која се претставува како чувар на македонскиот идентитет. Наместо поддршка, како што велат од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ добила „дипломатска шлаканица“ од своите најблиски европски сојузници, што ја доведува во прашање нејзината релевантност во ЕПП.
Дополнителна загриженост предизвикува најавата дека истиот амандман ќе се поднесе и на пленарната седница, што според СДСМ покажува дека не се работи за изолиран случај, туку за координиран став во кој ВМРО-ДПМНЕ молчи или активно учествува.
Партијата додава дека извештајот на Европскиот парламент содржи и сериозни критики за новата влада во делот на уставните измени, борбата против корупцијата и реформите за ЕУ, предупредувајќи дека европската иднина на земјата е под сериозна закана.