Затворањето на Ормускиот теснец, преку кој секојдневно поминува околу 20% од светската трговија со нафта и течен природен гас, би имало сериозни економски последици и за Македонија, иако таа директно не увезува нафта од Персискиот Залив.
Аналитичарите предупредуваат дека ваквиот чекор би довел до драматично зголемување на цената на нафтата на глобалниот пазар – над 100 долари за барел – што ќе предизвика раст на инфлацијата, поскапување на енергенсите, храната и нарушување на снабдувачките синџири.
Проценките се дека можен е пораст на цените на горивата и до 30%, што би ја намалило куповната моќ на граѓаните.
Ризикот од блокада стана посериозен по нападите на САД врз три ирански нуклеарни објекти, на што иранскиот парламент одговори со поддршка за затворање на теснецот, иако конечната одлука ја носи иранскиот Совет за национална безбедност. Сепак, блокада на Ормускиот теснец би значела влез во опасна економска и геополитичка спирала со глобални последици.