Студија на истражувачи при Технолошкиот институт во Масачусетс (МИТ) откри дека луѓето кои се потпираат на ЧатГПТ (ChatGPT) за пишување на есеи имале пониска мозочна активност од оние кои го користеле само својот мозок.
Групата која користела вештачка интелигенција (ВИ), исто така, постигнала полоши резултати во низа тестови во споредба со оние кои самостојно ги работеле своите задачи. Оние кои користеле ВИ, исто така, се мачеле, кога требало да работат задачи без користење на четбот, пренесува британски Телеграф.
„Потпирање на системите на ВИ може да доведе до пасивен пристап и намалување на активацијата на вештини за критичко размислување, кога лицето подоцна само ги извршува задачите“, се наведува во истражувањето.
Истражувачите предупредија дека наодите предизвикале „загриженост поради долгорочните образовни импликации“ со користење на вештачката интелигенција, како во училиштата, така и на работните места.
Ова се придружува кон сè поголем број на работи кои укажуваат дека човечкиот мозок се исклучува при користење на вештачка интелигенција.
Истражувањето на МИТ следеше 54 луѓе кои биле замолени да напишат четири есеи. Улесниците биле поделени во три групи. Една пишуваше есеи со помош на ЧатГПТ, втората користела интернет пребарувачи за спроведување на истражување, а третата се потпирала исклучително на сопственосот знаење.
Истражувачите потоа поставувале прашања за нивните есеи додека биле приклучени на т.н. електроенцефалограми (ЕЕГ) кои ја мереле мозочната активност.
Оние кои се потпирале на ЧатГПТ, голем јазичен модел кој може да одговори на компликувани прашања на едноставен јазик, „постигнале полоши резултати од своите колеги во групата кои самостојно ги работеле задачите на сите нивоа – неврално, лингвистички, квалитативно“, наведоа истражувачите.
Скенирањето со ЕЕГ покажа дека „поврзаноста на мозокот системски се намалувала со количината на надворешна поддршка“ и била најслаба кај оние кои се потпирале на четботови да им помогнат во пишувањето на есеите. Отчитувањата особено покажаа намалување на „тета“ мозочните бранови кои се поврзани со учење и формирање на сеќавање кај оние кои користеле четботови.
„Во суштина, делот на размислување и планирање бил исклучен“, се наведува во студијата.
Влијание на ВИ беше во спротивност и со резултатите на групата која користела интернет пребарувачи, што имало релативно мало влијание врз нивните резултати. Оние кои користеле четботови, 83 отсто не успеале да наведат ниту еден точен цитат од своите есеи, во споредба со околу 10 отсто на оние кои користеле пребарувачи или моќта на сопствениот мозок.
Учесниците кои се потпирале на четботови успеале да се сетат на многу малку информации од нивните есеи, што укажува дека или не се ангажирале во материјата или не ја запомнале. Оние кои коирстеле пребарувачи покажале само нешто помало ниво на ангажман на мозокот, во споредба со оние кои пишувале без никакви помагала, како и слични нивоа на помнење.
Добиените наоди ќе придонесат за сè поголемата загриженост дека четботовите предизвикуваат трајна штета на мозокот.
Студија на „Мајкрософт“ и на универзитетот Карнеги Мелон, објавена во февруари, откри дека вработени пријавувале ниски нивоа на критичко размислување кога се потпираат на ВИ. Авторите предупредија дека прекумерната употреба на ВИ може да ги направи когнитивните мускули „атрофирани и неподготвени за ситуации кога се потребни“.
Наталија Космина, водечка авторка на истражувањето на МИТ, истакна дека наодите покажуваат „забрзување на веројатното намалување на вештините на учење“ кај оние кои користат алатки на ВИ за време на учењето или на работа.
Додека членовите на групата која користела четбот во изработка на своите први три есеи, за последниот биле замолени да се потпрат исклучително на сопствениот мозок. Групата продолжила да покажува послабо помнење и вештинина критичко мислење, што според истражувачите ја истакнало загриженоста дека „чести корисници на вештачките алатки, често заобиколуваат длабок ангажман со материјата што доведува со „атрофија на вештините“ во задачи како брејнсторминг и решавање на проблеми.
Есеите напишани со ЧетГПТ се покажале хомогени, со појава на слични теми и јазик. Истражувачите нагласуваат дека четботовите може да го зголемат „когнитивниот долг“ кај улесниците и да доведат до „долгорочни последици, како што се намалување на критичкото размислување, поголема ранливост на манипулација, намалување на креативноста“. Наставниците, пак, укажуваат дека учениците рутински мамат на тестовите и пишѕвања на состави, користејчи четботови.
Истражување на Институтот за политика на високо образование покажа дека 88 отсто од студентите во Велика Британија користат четботови за помош во тестовите и учењето, а 18 отсто директно полагале тест во јазични модели на ВИ во својата работа.