Советничката група на СДСМ поднесе барање за свикување на вонредна седница на советот на град Скопје со единствена точка разрешување на претседателот на управен одбор на ЈП Комунална Хигиена Јулијана Спировска.
Побараа поддршка од сите останати советнички групи. Претходно градоначалничката Данела Арсовска ја обвини Спировска дека таа е виновна за ситуацијата со отпадот во главниот град. Во своја објава на Фејсбук, Арсовска посочи дека Спировска е осудено лице за кривично дело убиство и дека, како што тврди, три години не поддржала ниту една инвестиција за нова механизација, ниту решенија за вработување на работниците кои со години работат на терен.
Истакна и дека вработените во „Комунална хигиена“ се едни од највредните работници во градот и дека заслужуваат институционална поддршка, а не, како што вели, саботажа од партиски кадри.