Вести Македонија

Силјановска ја „испрати“ во Америка претставничката на УСАИД која даде 900 милиони долари помош на државата додека Агелер изразила разочараност за затворање на канцеларијата на УСАИД што се случи по одлуките на Трамп и Рубио

Американската амбасада во државата бара решение за завршување на проектите на УСАИД кои се во застој откако новата американска администрација предводена од Трамп ги скрати средствата и буквално ја затвори познатата американска агенција која доделуваше помош низ светот. Барањето на решение е наведено во официјалното соопштение на кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова која оствари проштална средба со Џери Дибл, претставничка на УСАИД во државава, а присуствуваше и амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Анџела Агелер.

-Заблагодарувајќи ѝ се на Дибл за посветениот ангажман и придонесот во унапредувањето на односите и соработката меѓу двете пријателски земји, претседателката истакна дека различните американски програми и проекти за соработка, оставија видлив белег во земјава. Дел од нашиот развој во повеќе области, како што додаде таа, се должи на фондовите на УСАИД и затоа државата очекува да завршат започнатите проекти, стои во соопштението.

На средбата, Дибл посочи дека во изминатите 30 години, преку бројни проекти, УСАИД во државава инвестирала 900 милиони долари.

-Имајќи ги предвид последните кратења на средствата за помош, таа истакна дека заедно со американската амбасада и со други донатори ќе се обидат да најдат начин да се реализираат започнатите проекти и активности, со цел да не се изгубат досегашните придобивки од нив, наведува кабинетот на Силјановска.

Амбасадорката Агелер искажа разочараност што се затвора Канцеларијата на УСАИД во земјата. Соопшти кабинетот на Силјановска по средбата, а Агелер истакнала и дека „Амбасадата, заедно со Владата и со други партнери, ќе продолжи да се залага за финализирање на започнатите програми.“

Разговарајќи за македонскиот евроинтегративен процес, Сиљановска-Давкова искажа благодарност за континуираната поддршка од САД, како и верување дека со помош на новата администрација ќе ја прошират и продлабочат економската соработка.

Претседателот на САД Доналд Трамп и државниот секретар Марко Рубио со свои одлуки ја  затворија моќната агенција УСАИД поради што беа прекинати илјадници проекти во целиот свет, меѓу кои се и проекти во Македонија. Досега нема официјално соопштение колку Македонија изгубила средства, кои проекти се прекинати или стопирани и во кои области. На крајот на февруари, имаше првична проценка дека се прекинати проекти во државните и локалните институции во вредност од околу 8 милиони долари финансиска помош, добиена преку УСАИД. Проектите не се продолжени.

Голем дел од проектите на УСАИД, изминатите три децении, финансиски ги поддржуваа општините во Македонија, институциите и организациите кои се борат против корупција и криминал, развој на правната држава, државното здравство, образованието, економијата и малиот бизнис, одбраната, армија и системот за управување со кризи, земјоделието, заштитата на животна средина, заштита на маргинализирани групи.

Многу проекти, УСАИД имаше и со невладиниот сектор во Македонија кој претрпе сериозен удар по кратењето на средства поради што се затворија организации и проекти меѓу кои и Сигурна куќа која засолнуваше жртви на родово базирано насилство.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Владата со нова телефонска линија за повредените и семејствата од Кочани

Дејан Дејан

Крвопролевањата продолжуваат – убиени 22 Палестинци во израелски напад во Појасот Газа

Дејан Дејан

Загинаа три лица во руски ракетен напад врз Харков

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе