Танцот е канал за катарза и ослободување, но на македонските танчери им е потребен простор за изразување и одржлива структура за делување. Ова го кажува македонската танчерка, кореограф и едукатор, Андријана Данчевска -Ровчанин, во македонската порака по повод Меѓународниот ден на танцот- 29 април. Нејзината и меѓународната порака за Денот на танцот, традиционално ги лиферува Македонскиот центар на Интернационалниот театарски институт при UNESCO.
- Tанцот е емоционален, социјален и интелектуален процес кој е длабоко вкоренет во нашето човечко постоење.Танцувам додека создавам живот кој има смисла. А, нам тука ни е потребен простор за танц и оддржлива структура.Танцот е активизам. Танцот е страст – моќен канал за трансформација, катарза и ослободување, вели Андријана Данчевска- Ровчанин во македонската порака за Светскиот ден на танцот.
А, во меѓународната порака, светски познатиот балетан, кореограф и актер, Михаил Баришњиков се осврнува на моќта на танцот да ја лекува душата на човекот, во ова време на војни , политички пресврти и неправди. Неговата порака ја чита нашата танчерка и кореограф Јана Петровска.
- Често се вели дека танцот може да го изрази неизговорливото. Радоста, тагата и очајот стануваат видливи; отелотворени изрази на нашата заедничка кршливост. Во ова, танцот може да разбуди емпатија, да инспирира љубезност и да предизвика желба за лекување, а не повреда. Особено сега, кога стотици илјади трпат војна, се справуваат со политички пресврт и протестираат против неправдата, вели Баришњиков во меѓународната порака.
Светскиот ден на танцот е востановен во 1982 година од UNESCO. Претходно, Меѓународниот танцов комитет од Интернационалниот театрски институт при UNESCO, го избра 29 април за Меѓународен ден на танцот, во чест на роденденот на креаторот на модерниот балет, Жан- Жорж Новер. Прославата на Денот на танцот има за цел да го покаже позитивното влијание на танцот врз животот на луѓето, преку способноста на човечкото тело да се движи и игра.
Сотир Трајков