Македонија завиена во црно. Тагува за 59 млади луѓе чии животи трагично завршија на концерт на ДНК во дискотека во Кочани. Но, и се моли за тешко повредените кои се лекуваат во домашните и странски болници.
Стравичниот пожар во Кочани е главна вест во медиумите во регионот. Од минута во минута се известува за детали од истрагата, за состојбата на повредените, за атмосферата во земјава, за мерките што ги преземаат надлежните. Трагедијата во Кочани котира во топ вестите и кај светските медиуми и агенции кои објавуваат снимки од внатрешноста на објектот, инсерти од пред болниците, луѓе во неверување кои се молат и чекаат информации за најблиските, но и со барања за одговорност.
Пораки со поддршка во овие тешки моменти за земјата стигнуваат од сите страни, како и сочувства до семејствата на загинатите. Кулата Белград осамна со македонското знаме и црна панделка преку него со порака „Србија е со Македонија“ во знак на солидарност со македонските граѓани. Владите во Белград и во Софија го прогласи утрешниот ден, 18 март, за Ден на жалост во Србија, односно Бугарија поради трагедијата во Македонија. Денеска, пак, е Ден на жалост во Црна Гора.
Пораки со сочувство испратија и лидерите во регионот, како и на Европската Унија и амбасадорката на САД во земјава. Изразија жалење за 59-те починати лица и брзо закрепнување на повредените во стравичниот пожар викендот во Кочани. Многу земји веднаш понудија помош, со испраќање на лекари, амбулантни возила, но и авиони со кои преземаат пациенти од македонските болници и ги транспортираат во нивните медицински центри чии капацитети ги отворија уште во првиот ден.
Сашко Димовски