На животните не можете да им кажете да не даваат млеко во недела, а загубите во сабота ќе ги чинат млекопроизводителите 8-до 10 милиони евра , годишно, велат од битолската „ Млекара“. Според нив, без прием на млекото во недела , се губи и понеделникот, а загубите годишно ќе изнесуваат околу 15 – 18 милиони евра за целата млечна индустрија. Од таму се пожалија и на проблеми што ќе се јават при преработката на млекото.
“Она млеко што е измолзено во сабота, треба да се лади до недела. Ако фармерот може да го направи тоа, па дури и превозникот да го донесе, а вратите на млекарниците се затворени, каде ќе биде примено тоа млеко, каде ќе се преработи?Тоа не е само природата на процесот. Имаме и законска регулатива –правилници за безбедност и заштита на храна, кои што предвидуваат дека суровината мора биде преработена, пастеризирана, најмногу 24 часа после молзењето. Неработен ден значи дека во сабота млекото ќе треба да се истури” – тврди Ѓорѓи Петрушев од “Млекара” АД Битола.
“Потребни се повеќе залихи за производство, а ќе имаме 14% помалку време за задоволување на потребите на клиентите, доколку се озакони недела како неработен ден”, вели Виктор Мизо од Асоцијацијата на странски компании со напредна технолигија, од кои најмногу се од автомобилската индустрија.
За економска оправданост на хемиските процеси за производство на катализатори е потребен континуитет, објаснува тој.
“Тоа е континуиран процес кој трае 24 часа, 7 дена во неделата . Бидејќи , не само што процесот е таков, но и користењето на опремата мора да се планира на таков начин , бидејќи во спротивно нема да биде економски оправдано” – вели Мизо.
Зацртаните рокови за градежни активности, недостатокот на професионален кадар,поврзаност на технологијата на градење со одредени постапки по денови, но и временските промени, не му дозволуваат на градежниот сектор да ја смета недела за неработен ден.
“Зависиме од субјективни фактори и кога на нив би додале и објективни проблеми, ќе сфатите колку е комплицирано, имајќи го предвид и ова законско решение” – оценува Андреа Серафимовски од АД “Гранит”.
Ако недела биде неработен ден 1/3 од 8 илјади вработени во спортските обложувалници ќе ги изгубат работните места.
А, во трговските центри 10% од вработените ќе останат без работа. Од металопреработувачката индустрија со став дека плаќањето дополнителни дневници на работниците за работа во недела е оптеретување за работодавачите кои обезбедуваат слободни денови и дека постои можност тоа плаќање да се злоупотреби од работниците.
Потребни се анализи за загубите и за конкурентноста на нашата економија локално и пошироко и колку неработењето во недела ќе се одрази врз БДП, беше речено на онлајн панел дискусијата, во организација на Стопанската комора на Северна Македонија.
Сотир Трајков