Вести Македонија Најважни

Покрај нефрологот Николов, владата предложи тројца нови амбасадори, но ќе враќа назад 9 дипломати меѓу кои и амбасадорката во Софија

Владата покрена иницијативи за отповикување на 9 амбасадори поставени пред 2024-та, стои во одговорот од портпаролката Марија Митева на прашање на Телма за одлуките на вчерашната владина седница кои што не беа соопштени од прес службата предводена од Митева, а поврзани со дипломатијата.

Прашањето се отвори откако премиерот кажа дека досегашниот негов советник за здравствени реформи, нефрологот Игор Николов се трансферира во дипломатија преку владин предлог за нов амбасадор во Франција. Владата одговори дека за нови вонредни ополномоштени амбасадори ги предлага и: Димитар Блажевски, во Киев-Украина; Андријана Цветковиќ во Јапонија и Драган Ѓурчевски во Хрватска.

Покрај нефрологот Николов, партиски бекграунд има и Драган Ѓурчевски кој беше директор на Агенцијата за млади и спорт во владата на Груевски и имаше партиски ангажман во ВМРО-ДПМНЕ. Бил и дипломатски претставник на државата.

Андријана Цветковиќ беше прва амбасадорка во Јапонија назначена во 2014-та, има докторирано филмска уметност во Јапонија, а беше и член на жирито и програмски координатор на Филмскиот фестивал во Токио.

Андријана Цветковиќ новa програмскa директорка на Интернационалниот филмски фестивал во Токио

Димитар Блажевски ќе го пополни испразнетото место во амбасадата во Киев во Украина, среде почетокот на разрешницата на војната во оваа држава по руската агресија.

Владата одлучи од Бугарија да ја повлече амбасадорката Агнеза Руси Поповска која е во Софија од 2022-ра, а претходно беше во дипломатската мисија на Македонија во ЕУ, во Брисел.

Покренати се постапки и за отповикување на амбасадорката Катерина Ставревска од Велика Британија, на амбасадорката во Советот на Европа Светлана Гелевева и на амбасадорот Методија Белевски кој ја врши функцијата во Белгија.

Поранешниот пратеник кој беше дел и од коалициите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Зеќир Рамчиловиќ ќе биде отповикан од Црна Гора, а иста постапка е предложена и за амбасадорите Јакуп Реџепи (БиХ), Пајо Авировиќ (Шеф на Постојната мисија при Меѓународните организации) и амбасадорот во Чешка, Емил Крстевски.

Владата одлучила и да ги врати амбасадорот Џенк Сејфула од Шведска и Емил Крстевски од Чешка.

Станува збор за амбасадори кои своевремено не ги бранеа тезите пред собраниската Комисија за надворешна политика, затоа што Антонио Милошоски кој во тоа време беше претседател на Комисијата одбиваше да закаже седница. Откако се смени власта, пратениците побараа  автентично толкување на Законот за надворешни работи со кое како задолжителен услов за испраќање на амбасадори станува одбрана на тезите во Собранието.

Нефрологот Игор Николов предложен за амбасадор во Франција – Владата потврди дека престанува неговиот ангажман како советник

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Ристевска: Прво ви велат „Сменете го Уставот“, а потоа ви велат „Билатералните спорови надвор“- контрадикторно е

Дејан Дејан

Министерството за правда информира дека се неточни тврдењата дека ќе се изгубат средствата од реформската агенда

Дејан Дејан

Европа да се обедини, реформите се тешки, уставните измени главен услов – пораки од еврокомесарката Кос

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе