За само три месеци севернокорејските војници кои учествуваат во борбите во областа Курск претрпеле 40 проценти жртви, изјавиле западни функционери за британскиот јавен сервис.
Според проценките на западните разузнавачки агенции од 11.000 севернокорејски војници за кои се претпоставува дека се распоредени во Курск, дури 4.000 биле жртви во борби со украинската армија. Во тој број спаѓаат ранети и исчезнати, а дури 1.000 од нив загинале во борба со Украинците.
Ако овие загуби бидат потврдени тогаш тоа би значело неодржлива стапка на жртви за Севернокорејците, тврдат експертите.
Украинската армија ја започна офанзивата во Курск во август минатата година, продирајќи длабоко на руска територија, но пред крајот на годината изгуби голем дел од таа територија под жестокиот притисок на руската армија помогната од пристигнувањето на Севернокорејците.
Но, Киев сѐ уште контролира значителен дел од Курската област, и според Киев таму се водат секојдневни жестоки борби.
Севернокорејскиот контингент во Курск наводно е дел од елитна единица на армијата, но досегашните информации од тамошниот фронт покажуваат дека се слабо обучени и опремени.
Според информации кои ги објавува јужнокорејското разузнавање, Севернокорејците се сосема неподготвени и биле целосно затечени од реалноста на модерното војување, посочувајќи дека голем дел од загубите биле нанесени од украински беспилотни летала.