Вести Свет

Охрабрена од локалните избори и предизборните анкети АФД ја радикализира реториката пред изборите во Германија

Месец и половина пред предвремените парламентарни избори во Германија, крајнодесничарската Алтернатива за Германија ужива во својата новоткриена популарност. Најголем дел од анкетите ја сместуваат на втората позиција со околу 20 проценти поддршка кај гласачите, а партиските лидери ова го толкуваат како потврда дека политиките кои тие ги предлагаат доволно соодвествуваат со желбите на Германците.

Манифестот кој сѐ уште се усогласува од партијата, повикува на повлекување на Германија од Парискиот климатски договор, напуштање на еврозоната, и нејзината стара идеа за растурање на ЕУ и нејзино преуредување во конфедерација на национални држави со ограничени овластувања.

На партиската конференција одржана изминатиов викенд во Риза, во сојузната покраина Саксонија каде АФД го освои второто место на локалните избори, колидерката Алис Вајдел, партиската кандидатка за канцелар на Германија, зборуваше за масовна депортација на странци и доселеници од земјата, модерно спакувана во терминот „ремиграција“.

Комплетно ќе ги затвориме границите, ќе ги вратиме сите кои влегуваат во државата нелегално и без документи, и ќе испратиме силна порака до целиот свет: Драги пријатели, германските граници се затворени. Ќе извршиме репатриација од огромни размери, и да бидам искрена, ако тоа е ремиграција, тогаш нека се нарекува ремиграција, им порача од Риза Вајдел на своите сопартијци.

Пред само една година Вајдел и АФД се мачеа да го пребродат големиот скандал кој изби откако во јавноста беше објавено дека нејзини претставници учествувале на состанок со Мартин Зелнер, австриски крајнодесничарски активист и „поранешен“ неонацист, каде било дискутирано токму за депортација на лица со мигрантско потекло. Подемот на АФД не може да биде појасно видлив, партиските лидери и активисти зборуваат за „ремиграцијата“, во јавност, слободно, без страв од политички реперкусии.

Вајдел до неодамна се претставуваше како политичарка која се обидува да го „испегла“ имиџот на партијата и нејзините пораки да ги трансформира во поприфатливи за обичниот германски гласач, но многу од критичарите на „Алтернативците“ се сомневаат во искреноста на нејзините намери.

Сличноста на политичките пораки со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп не е случајна, па Вајдел минатата недела беше поканета на интервју со милијардерот, и од неодамна близок соработник на Трамп, Илон Маск на неговата платформа Х. 45 годишната поранешна банкарка во Голдман Сакс, која е во истополова врска, како и секој припадник на екстремната десница обожава контроверзни изјави, па така Вајдел во разговорот со Маск рече дека Адолф Хитлер всушност бил комунист, а не националист. Очекувано, ваквата изјава предизвика осуда, но за критичарите на АФД таа е само продолжение на партиските обиди за ревизија на германската историја, особено во 20 век.

Минатата година, Бјорн Хоке, еден од најистакнатите членови на АФД два пати беше парично казнет за користење на нацистичката фраза „Сѐ за Германија“. Неговото оправдување беше дека станува збор за нормална фраза која секојдневно се употребува и не знаел дека била тесно поврзана со нацистите. Хоке е поранешен наставник по историја.

Александар Гауланд, поранешен колидер на партијата, нацизмот го опиша како „мала дамка од птичји измет на повеќе од 1.000 години успешна германска историја“.

Иако политичките пораки на АФД наоѓаат приемливи „уши“ кај Германците, нејзините опоненти се далеку побројни и погласни. Илјадници анти АФД демонстранти, кои Вајдел ги нарече „левичарска толпа“ протестираа пред халата во Риза, додека партијата постојано се жали дека е демонизирана и прогонувана од страна на пристрасни на левицата и естаблишментот медиуми. Но, сѐ порадикалната реторика која произлегува од АФД сведочи за зголемената самодоверба на партијата, која по успехот на локалните избори, особено во Источна Германија, фрли око на Берлин.

Успехот на крајната десница во Германија можеби нема да биде од исти размери како тој на француската на предвремените избори, но исходот по пребројувањето на гласовите многу веројатно ќе биде ист. Вајдел можеби сонува, исто како и во втората деценија на минатиот век, Германија да го следи примерот на Италија, но наместо како Мелони, таа ќе заврши како Ле Пен, со голем број пратеници во законодавниот дом, но многу далеку од извршната власт.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Рашче под притисок, дивите приклучоци го уништуваат капацитетот

Дејан Дејан

Разговори за можно примирје во Појасот Газа во Белата куќа- Нетанјаху на вечера кај Трамп

Дејан Дејан

Продолжуваат спасувачките напори во Тексас – над 100 загинати

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе