Сириските бунтовници го зазедоа централниот град Хама, четвртиот по големина во Сирија. Воени авиони, хеликоптери и проектили беа оставени во базата додека сириската армија се прераспореди надвор од градот.
Сириските бунтовници влегоа во градот, неколку дена откако го зазедоа голем дел од најголемиот град во земјата Алепо. Офанзивата ја предводат џихадистичката група ХТС и чадор група сириски милиции поддржани од Турција наречени Сириска национална армија.
Сирискиот министер Басам Сабаг посочи дека овој терористички напад не е само закана за Сирија, туку и за сите земји во регионот.
- „Страните кои стојат зад овој терористички напад очигледно ги прекршуваат резолуциите на Обединетите нации и Советот за безбедност во борбата против тероризмот, како и договорите што беа усвоени во декларацијата од Астана. Нагласивме дека оваа заканата не е само закана за безбедноста и стабилноста на Сирија, туку и за земјите во регионот“ изјави Басам Сабаг, сириски министер за надворешни работи.
Силите предводени од Курдите во Сирија, поддржани од САД, велат дека зазеле позиции долж границата со Ирак, заменувајќи ги сириските владини сили. Потегот на Сириските демократски сили да ги заземат областите на западниот брег на реката Еуфрат веројатно ќе ја прекине копнената линија што го поврзува Иран со брегот на Средоземното Море.
Иранскиот министер за надворешни работи даде целосната поддршка на Сирија.
- „Исламската Република Иран секогаш ја поддржуваше Сирија и ќе продолжи да го прави тоа со сите наши сили и со се што е неопходно и побарано од сириската влада“ посочи Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.
Бунтовниците ја зацврстуваат својата контрола врз сирискиот град Алепо нудејќи им амнестија и гаранции за безбедност на владините војници и полицајци кои пребегнуваат на нивна страна.Тие велат дека досега над 1.000 членови на службата ја прифатиле понудата.
Ненадејно заземање на Алепо, повторно ја разгоре сириската граѓанска војна која во голема мера беше ќор-сокак во последните неколку години.
Хама е еден од ретките градови што остана главно под владина контрола во конфликтот, кој избувна во март 2011 година по народниот бунт.
Теа Димковска