Повеќе од десетина кадровски решенија најави новиот американски претседател Доналд Трамп, како и ново министерство за ефикасност на владата. Ресорот нема да биде дел од владиниот кабинет, но ќе има задача да ги заузда непотребните трошоци на владата, бидејќи смета дека администрацијата во изминатиот период била најголемиот кочничар за развојот на Америка. Со него ќе раководат милијардерот Илон Маск и бизнисменот Вивејк Рамасвами. Инаку, проценките се дека Маск потрошил повеќе од 200 милиони долари во кампањата на Трамп по обидите за негови атентати во предизборието.
Но, едно лице предизвика особено внимание во јавноста во САД. Тоа е Пит Хегсет, американски воен ветеран и водител и коментатор на „Фокс њуз“, кој ќе биде новиот шеф на Пентагон. Неговите контроверзи се познати во јавноста, на Трамп му апелира да ги помилува сите војници кои се обвинети за воени злосторства, а функцијата во министерството за одбрана ќе ја преземе како личност која честопати го критикуваше НАТО во минатото.
Аналитичарите сметаат дека именувањето на Хегсет на чело на Пентагон доаѓа во период на сериозни глобални кризи. Ескалациите на фронтот во Украина, нападите на проиранските милитанти на Блискиот исток, преговорите за прекин на огнот меѓу Израел со Хамас и Хезболах и растечката загриженост од сојузништвото меѓу Русија и Северна Кореја. Дел од нив забележуваат и за тивок почеток на заобиколување на војната во Украина и насочување кон ривалството со Кина.
Нов шеф на ЦИА ќе биде Џон Ретклиф. Поранешниот конгресмен на Тексас беше на чело на Националната разузнувачак служба и за време на првиот мандат на Трамп и важеше за негов лојален соработник.
Меѓу останатите номинирани лица за новата администрација на Трамп ќе биде инвеститорот во недвижности, Стивен Виткоф кој ќе биде на позицијата Специјален пратеник за Блискиот исток, советник за нациоанлна безбедност ќе биде Мајкл Волц, шефица на претседателскиот кабинет ќе биде Сузи Вајлс, додека адвокатот Вилијам Мекгинли ќе биде советник на Белата куќа.
Сашко Димовски