Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го презентираше новиот состав на Европската комисија пред лидерите на политичките групи во европскиот парлемент, кој ќе го има последниот збор дали кадровскиот избор на Фон дер Лајен ќе остане или ќе претрпи измени. Новата Европска комисија ќе има шест извршни потпретседатели, сите на исто ниво, додека врвните приоритети на Комисијата се просперитетот, демократијата и безбедноста.
„Договорот многу јасно кажува, секој член на Комисијата е еднаков и секој комесар има еднаква одговорност да испорача за нашите приоритети, што значи дека сите комесари ќе мора да работата заедно“, изјави Фон дер Лајен.
Словенија го доби портфолиото „проширување“, поточно предлогот на Фон дер Лајен за еврокомесар за проширување е Словенката, Марта Кос. Таа ќе биде задолжена, како што изјави Фон дер Лајен за проширувањето и источното соседство, а ќе работи на поддршка на Украниа и нејзината реконструкција, како и поддршка за другите земји-кандидати.
За познавачите на европските процеси, изборот на Словенија да го земе портфолиото проширување е добра вест за регионот, со оглед дека првично фаворит за оваа позиција бил Валдиш Домбровскис од Летонија, потпретседател во претходната Комисија
„Со Словенија би имале ние, не би рекла предност, но би имале побалансирана позиција, бидејќи секако Украина е од примарно значење за самата Европска унија. Има поголемо разбирање, го знае регионот и веројатно во контекст на многу тешки прашања кои ги имаме кај нас, како билатералните спорови, исто така би имала повеќе разбирање“, вели Симонида Кацарска, директорка на Институт за европска политика.
Иако имаше очекувања Директоратот за проширување да добие потпретседателско место во Комисија, тоа не се најде на листата на потпретседатели.
„Што значи дека имаме одредено спуштање од она што беа очекувањата, бидејќи многумина од нас и многу познавачи на проширувањето, застапуваа, се бореа, да таа позиција биде подигната на повисоко ниво, со оглед на тоа дека и самата претседателка кажа дека во следниот мандат очекува да се случи проширувањето“, објаснува Кацарска.
Во Комисијата влегуваат и Екатерина Захариева, поранешната министерка за надворешни работи на Бугарија, како еврокомесар за стартапи, истражувања и иновации, Апостолис Цицикостас, еврокомесар од Грција за одржлив транспорт и туризам, поранешен управител на грчкиот регион Централна Македонија. И Захариева и Цицикостас и се познати на македонската јавност, Захариева по спроведувањето на бугарската политика на ветата за Македонија во Европската унија, а Цицикостас како гласен противник на Преспанскиот договор, нарекувајќи го екстремно опасен и кој одбиваше да ги смени патоказите во неговиот регион од „Скопје“ во „Северна Македонија“.
Според Кацарска, Комисијата е колективно тело, при што политиките кои ги водат комесарите мора да бидат меѓусебно комплементарни.
„Комесарите кога доаѓаат на таа позиција тие стануваат колективниот глас на Унијата и треба да ги остават своите национални префернци позади себе. Тоа не може да гарнтираме. Тешко ми е да видам дека дел од овие комесари, нови, ќе ни бидат сојузници. Но треба да се трудиме и ние да не ги направиме дополнително непријатели“, е ставот на Кацарска.
Ако предлогот за Захариева бил да се исполни родовата квота во Комисијата, Кацарска објаснува дека меѓу експертите предлогот Цицикостас да биде еврокомесар од Грција било протолкувано како намера на грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис да покаже свртување кон десно. Сепак Кацарска е на став дека постои простор за нивно влијание во Комисијата и може да се очекува Комисијата повеќе низ лупа да ја гледа имплементацијата на Договорите со Грција и со Бугарија од страна на Македонија.
Тамара Грнчароска