Либанскиот Хезболах нема да му се одмазди на Израел за убиството на неговиот командант додека во Катар продолжуваат разговорите за прекин на огнот и ослободување на заложниците од Газа за да не се саботираат шансите за договор, изјави неименуван извор близок до либанската проиранска група.
„Можеме да кажеме дека Хезболах нема да започне операција за одмазда за време на разговорите во Катар бидејќи не сакаат да бидат одговорни за попречување на преговорите и потенцијалниот договор. Одмаздата може да почека, не е итна и временски ограничена“, рекол неименуваниот извор.
Хезболах се закани дека ќе се одмазди за израелското убиство на командантот Фуад Шукр во Бејрут во јули, јавуваат израелските медиуми.
Вчера меѓународните посредници одржаа нова рунда разговори со цел да се запре војната меѓу Израел и Хамас и да се обезбеди ослободување на десетици заложници.
Претставници на САД, Катар и Египет се сретнаа со израелската делегација во Доха, главниот град на Катар.
Палестински Хамас не учествуваше директно во разговорите, бидејќи го обвини Израел за додавање нови барања на претходниот предлог поддржан од САД и меѓународната заедница, што организацијата во принцип го прифати.
Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа Џон Кирби ги означи разговорите како важен чекор и рече дека се очекува тие да продолжат денеска.
Прекинот на огнот во Газа најверојатно ќе ги намали тензиите во регионот, а дипломатите се надеваат дека ќе ги убеди либански Хезболах и Иран да ја одложат одмаздата за убиството на командантот на Хезболах во израелскиот напад врз Бејрут и политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханије, во Техеран.