Студиите по психологија се интересни, сепак, тоа е теорија до оној миг додека вистински во пракса не се соочите со луѓето во секојдневната комуникација и да ги запознаете подобро, вели Сунил Ман, швајцарски писател кој пишува на германски јазик, чии дела се преведени на повеќе светски јазици.
„Со години работев за Swiss International Air Lines каде што многу работите со луѓе, морате да се справите со проблеми, наидувате на мноштво реакции, добри и не толку добри. Тоа е нормално кога работите со стотици луѓе цело време. И мислам дека тоа е она што ми помогна да ги запознаам луѓето подобро и да го искористам тоа во моите книги“, изјава Сунил Ман, писател.
Сунил Ман главно пишува криминалистички романи и раскази. Досега има објавено шест романи за возрасни, три романи за деца и четири збирки раскази. Сепак, несомнено е дека интересот барем во одреден период на читателската публика повеќе е насочен кон криминалистичките романи. Доколку живеете во средено општество, ја имате можноста низ фантазијата да бидете сведок на ситуации кои се речиси незамисливи во вашето опкружување, додава Ман.
„Мислам дека кога живеете во Швајцарија, а јас живеам во Швајцарија, каде е многу безбедно, нема криминал, се разбира криминал има секаде каде има и луѓе, но не во таа мера, како места кои се добро познати по криминал. Па, почнувате да измислувате како да криминалот е тука, имате безбеден простор, безбедна држава, безбедно општество па додавате нешто да за добите реакција можеби и секако тензија“, вели Ман.
Што се однесува до литературата за деца, важно е само да го најдете детето во себе, вели Ман кој потекнува од семејство на доселеници од Индија и сиот свој живот работи и твори во Швајцарија. Да се навратите во минатото кога сте биле дете што ви читале вашите родители, што ви било интересно, што здодевно, темите се вечни борбата на доброто и злото и секако тоа да го адаптирате за новите генерации.
Вечерва во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи книжевен настан на кој ќе биде претставено творештвото на писателот Сунил Ман. Настанот е дел од резиденцијалниот престој на Сунил Ман во Скопје, поддржан од Европската мрежа за превод и книги „Традуки“.
Нина Стефанова