Олеснување, но и загриженост и неизвесност во Франција по вториот круг на гласање на вонредните парламентарни избори. Олеснување, бидејќи екстремно десничарскиот „Национален собир“ не заврши како најсилна партија од што стравуваа многу проевропски ликови на француската политичка сцена. Загриженоста се должи на отсуството на мнозинство во парламентот, а тоа носи неизвесност и во Париз и во Брисел, бидејќи сето тоа би можело да донесе политичка парализа во земјата која е еден од столбовите на Европската Унија.
Политичките аналитичари сметаат дека макронизмот е губитник на изборите во Франција и оти, покрај земјата, реперкусии ќе почувствува и цела Европа.
Апелите за мобилизација на гласачкото тело дадоа резултат. „Националниот собир“ на Марин ле Пен не го потврди успехот ниту од првиот круг на националните избори, ниту, пак, од изборите за Европскиот парламент. Левичарската коалиција успеа да го амортизира ударот од првиот круг на гласање, екстремната десница драстично го зголеми бројот на мандати во парламентот, но, сепак, далеку од очекуваниот број, додека центристичката алијанса на Макрон ја заврши изборната трка како второпласирана.
Дел од гласачите со олеснување гледаат на изборните резултати кои сè уште не се конечни од аспект на бројот на мандати.
Она што е сигурно на помалку од 20 дена до Олимписките игри во Париз е дека Франција нема да биде предводена од влада на крајната десница. Но, земјата ќе посака добредојде на најдобрите светски спортисти со парламент поделен меѓу левицата, десницата и центарот, фракции кои немаат многу симпатии една кон друга, политички несогласувања во перспектива и состојба на политичка нестабилност. Најпесимистичките прогнози не се остварија, меѓутоа владеачката партија плати висока цена со губење на стотина мандати во собранието. Премиерот Габриел Атал денеска поднесе оставка на функцијата што не беше прифатена од францускиот претседател. Макрон од него побара да остане на чело на владата, што го образложи со „стабилност на државата“.
Сашко Димовски