Три куќи гореа претпладнево во пожар што изби над каналот Крушевска Република во близина на местото „Момин бунар“ во Струмица. Огнот почнал во една од куќите кои се сместени на подножјето од ридот, но, бргу се префрлил и на двете соседни со кои е споена. Станарите едвај имале време да реагираат, а постар брачен пар од куќата во која тргнал огнот е хоспитализиран поради вдишување чад.
Локацијата на пожарот засега е обезбедена од дежурна екипа на противпожарната единица, бидејќи поради близината на шумата постои можноста при повторно разгорување да се зафати тревна вегетација или дрвја.
Во гасењето учествувале шест противпожарни возила и дваесетина пожарникари. Засега не е познато како почнал пожарот, причините дополнително ќе се истражуваат.
Сузана Мицева