Да се размисли уште еднаш за спојувањето на предмети, особено за историја, препорачаа неколкумина академици од одделението за општествени науки во МАНУ, кои денеска се сретнаа со министерката за образование. Нивни личен став е дека реформи се потребни, но тајмингот е лош, особено поради проблемите со соседите.
Најголем проблем, според Фити, е оптовареноста на учениците со факти, бројки и учење напамет. Реформата, вели, треба да почне со радикално преиспитување на наставните програми, а од нив да се исфрли се` што е несуштинско и неважно. Фактите, вели, не можат да се отфрлат, но главите на учениците треба да се наполнат со мудрост. Од најмали нозе да се развива критичкото размислување и поврзување на работите, креативноста и иновативноста.
Предлог на академиците е и, покрај универзитетските професори, во изработката на реформите да се вклучат и искусни наставници од основните училишта, како и педагози и психолози.Сугерираат и дека, мора да се промени и односот кон учителите и наставниците, кои треба да станат централни фигури во образованието.
Академиците своите забелешки и писмено ќе ги достават во министерството, а Царовска вели дека ќе ги земе предвид.
Претседателството на МАНУ уште во декември излезе со реакција против интегрирањето на предметите и побара транспарентно, стручно и постепено, а не радикално воведување на реформите. Во меѓувреме, со свои реакции излегоа и сите Институти и факултети, како и синдикати, здруженија и наставници, а Независниот синдикат најави протести.
Далиборка Демјанска Цветановска