Матурантите денеска го полагаа вториот екстерен испит од државната матура. Тие имаа можност да бираат помеѓу странски јазик и математика. Тестирањето започна во 10 часот. Телма направи обиколка во неколку училишта. Во гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“ учениците беа распоредени во училишниот хол и со нетрпение чекаа да започнат со решавање. Во тоа училиште државна матура полагаа 243 ученици, од нив 154 полагаа англиски, 72 математика и по 9 ученици германски и француски. Во гимназијата „Никола Карев“ денеска полагаа 277 ученици, од кои најголемиот дел англиски јазик. Директорот Манолев вели дека полагањето во тоа училиште поминало добро.
„Ние си постапуваме според правилата кои ни беа доставени од Државниот испитен центар. На самиот влез децата беа упатувани во посебна просторија каде што ги оставаа мобилните телефони и потоа си продолжија на реоните каде што треба да полагаат“, вели Андреј Манолев, Директорот на СУГС гимназија „Никола Карев”.
Од Државниот испитен центар велат дека учениците повторно го користеле стариот познат трик, споделување на тестот во Вибер група. Оние кои биле фатени со мобилен телефон, биле отстранети од полагање и им е поништен испитот. Дел од родителите незадоволни од таквиот чин влегле во конфликт со тестаторите.
„Повторно имаше вибер група во која беше споделен тестот математика во 9.53 и тестот англиски во 9.45 минути. Сликан бил празен тест и ученикот барал од другите членови да му помогнат во одговарање“, вели Билјана Михајловска, директорка на Државен испитен центар.
Минатата недела се полагаше првиот испит мајчиниот јазик. За да се спречи препишување оваа година за прв пат се полагаше во големи простории, но сепак ни тоа не беше проблем за средношколците кои одговорите ги споделуваа во Вибер група. Оние тестови кои ќе бидат утврдени дека се препишани ќе бидат поништени и тие ученици ќе треба да преполагаат во август.
Тамара Марковска