ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека по одржана средба со пратеници на ДУИ добиле уверување дека партијата на Али Ахмети ќе ги подржи и ќе гласа за измени на Законот за организација на работата на органите на државната управа, со кој се предлагаат измени во министерствата во владата.
-На средбата се разговараше за предложените измени на Законот за организација на работата на органите на државната управа при што од страна на ВМРО-ДПМНЕ беа образложени измените на законот којшто треба да донесе поголема ефикасност, транспарентност и реформи, како и рационализација. Претставниците на коалицијата Европски Фронт изразија поддршка за измените на законот и информираа дека ќе гласаат за усвојување на законот, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ од каде тврдат дека измените се работени со меѓународниот фактор и ИПА програма на ЕУ.
Од партијата на Мицкоски велаг дека претходно имале консултации и постигнале договор помеѓу пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и пратеничките групи на коалицијата ВРЕДИ и партијата ЗНАМ по што се сретнале со Европскиот фронт.
На средбата присуствувале Александар Николоски, Владо Мисајловски, Никола Мицевски и Стефан Андоновски, а од коалицијата Европски Фронт биле присутни Мендух Тачи, Блерим Беџети, Фатон Ахмети, Елми Азири.
За возврат Европскиот фронт воден од ДУИ добил уверување дека е прифатено барањето на коалицијата Европски Фронт во догледно време Собранието да формира ад хок комисија со Претседател предлог на опозицијата, којашто ќе ја следи правичната застапеност на сите етнички заедници во органите на државната управа и за својата работа два пати годишно ќе го информира Собранието.
Со новиот закон, владата наместо 16 ќе има 20 министерства, а ќе бидат одземани или додавани повеќе ресори во повеќе министерства. За законот треба двотретинско мнозинство. Се носи по скратена постапка.