Не мора да значи дека сите членови на вибер групата ја злоупотребиле во полагањето на државната матура, вели директорката на Државниот испитен центар Билјана Михајловска во вечерашната Топ Тема на Телма.
Прво да бидеме фер кон сите оние ученици коишто, можеби од љубопитност влегле во таа група пред многу време, бидејќи не од вчера или завчера формирана, и останале таму па потоа се тргнале. Но, она што е лошо и за кое што дискутираме сега е што таму се споделуваат податоци коишто можат да бидат злоупотребени од ученици коишто помалку знаат за да добијат необјективно повисоки оценки, и ние сме сите многу возбудени како јавност и оваа и минатата година, затоа што и минатата година постоеше вибер група. Не знаеме оваа година колку ќе констатираме дека препишувале, рече Михајловска.
Таа посочи дека минатата година на тестирањата по Англиски јазик било констатирано препишување кај 3.114 ученици, но во 2016 година таа бројка била уште поголема.
Немаше ни вибер тогаш воопшто. Значи не е вибер групата проблем, проблем е нашиот пристап кон матурата. 4.000 добиле нула во 2016 година, без вибер група, биле откриени од оценувачите, било констатирано препишување од оценувачите. Сакам да кажам, не е проблем вибер групата и колку членови има, проблем е ставот кон матурата, ставот кон испитот и чесноста кон испитот, рече директорката на ДИЦ.
Директорот на скопската гимназија „Орце Николов“, Митко Димовски рече дека иако проблемот постои со години, оваа година дополнително бил поттикнат од новите протоколи кои беа воведени.
Низ годините учениците полагаа во кабинети каде што ги чуваше еден тестатор, оваа година полагаа групно по холови, по ходници каде што имаше една плеада од тестатори кои што можеа да се гледаат и имаа постојана контрола. Така што, на можеби за нив, за учениците зборувам, на еден неприроден начин, каде што фактички нивната работа е внатре во училницата, да речеме, сега беа изложени надвор. Јас мислам дека дополнителен стрес тука се направи. Тоа е прво, второ, во начинот на протоколите, затоа што и на оние обуки кои што ги проследија професорите кои што требаше да бидат тестатори, беа малку ајде да кажам поригидни во однос на минатите години, во однос на одење во тоалет, медицинска белешка за тоа дали треба да има или не, за нивните основни физиолошки потреби, рече Димовски.
Директорот на „Орце Николов“ смета дека покрај за учениците препишувачи, треба да се зборува и за тестаторите и набљудувачите кои требало да бидат на висина на задачата.
Ако правилата важат за едно училиште, треба да важат за сите на ниво на држава, смета Димовски.